Нема ништо развојно во буџетот за идната година, освен големи трошоци и задолжувања за да се плаќа гломазната администрација. Вака дел од економските аналитичари ја опишаа состојбата во новата државна каса. Министерката Кочоска вчера доцна попладне ги презентираше бројките. Аналитичарите освен што имаат критика за високите расходи, не се оптимисти ниту дека ќе се оствари најавениот раст, ниту дека ќе се реализираат планираните капитални инвестиции.
Парите се трошат за државна администрација, не може министерката да е убедлива кога вика непродуктивни расходи за мебел нема, кој тоа ќе провери. Сите очекуваме да се намалат министерствата, они отворија нови, нека скратат да не даваат пари на работници и административци кои не одат на работа. Тие горливи проблеми што се присутни никаде во нејзиното образложение ги нема за да ги убедат граѓаните дека овој пат ќе биде поинаку. Се е исто, малку полошо е сега, вели за Телма поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини.
Хајредини смета дека Владата нема конкретно утврдено колку пари за кој проект ќе бидат потрошени, што дополнително отвара сомнеж како ќе се реализираат над 800 милиони евра капитални инвестиции.
Економскиот аналитичар Абил Бауш смета дека најавениот раст од 3,7 отсто и намалување на дефицитот во услови на година на опоравување на домашната економија, многу тешко дека ќе се случат.
Овде нема развојна компонента затоа што затоа што трошењата, расходната страна е многу голема и таму има компоненти кои се влечат со години и кој не даваат апсолутно никаков раст и развој. Во овие компоненти освен фондовите што треба да ги наполниме се и планираните зголемувања на платите во јавниот сектор ова е прво. Значи јас мислев дека ќе имаме некој вид мини реформа на трошковната страна на буџетот и некој работи да се скратат. Се обидуваат да гасат социјални пожари од една страна, а од друга се мислат дека развоен буџет прават, вели за Телма економскиот аналитичар Абил Бауш.
Минисерката Кочоска пак посочи дека се креира буџет кој треба да донесе вистински развој на државата. Ќе се потрошат 6,5 милијарди евра, а планот е да се соберат 5, 8 милијарди евра. 400 милиони евра плус од буџетот се префрлаат во ПИОМ за да може да се пополни дупката таму и да се реализира најавено зголемување на пензиите.
Околу 90 милиони евра повеќе има за плати во јавниот сектор. Со тоа оваа ставка ќе тежи над 750 милиони евра. Ќе има и нови задолжувања за да се вратата долгови. Дефицитот е проектиран на 4 отсто од БДП или 680 милиони евра.
Ирена Чачкова
