Оштетен е буџетот на државата за 3, 2 милиони евра. Средствата ги злоупотребиле околу 60 компании од градежништвото, информатиката, здравството и од други дејности, кои добиле проекти од Фондот за иновации и технолошки развој, што се покажале како фантомски. Тоа го утврдила ревизијата , спроведена за работата на Фондот, во изминатите 5 години, кажа в.д. директорот.
Околу 60 субјекти кои користеле државни средства. Средства на граѓаните за фантомски проекти , кои не ги дале очекуваните резултати . Дополнително, некои од овие компании не ги почитувале правилниците и насоките за работа, утврдени од Фондот, што резултираше со неуспешни проекти, кажа Никола Додов, в.д. директор на ФИТР.
Претходното раководство наместо да преземе мерки против должниците , вршело плаќање кон компаниите и не ги почитувало законските прописи. На дел од компаниите ќе им се наплатат парите преку извршител, а за друг дел се подготвуваат кривични пријави и граѓански парници на суд.
Додов кажа и дека со ревизијата е утврдено дека околу 50 приватни здравствени установи, спротивно на Законот за трговски друштва, биле финансирани од ФИТР, за време на корона кризата. И од тие средства набавиле ренгени и други машини.
Ревизорите дошле до индиции и за одлуки донесени со политички договори, кои создаваат сомнежи за конфликт на интереси и непотизам. Имено, компанија во директна роднинска врска со високи функционери од коалицијата СДСМ-ДУИ, добивала значителни финансиски средства од Фондот, кажа Додов.
Согласно нашите истражувања, управителот на компанијата не само што добивал финансиски средства од Фондот, туку истата личност управува и со други 4 различни фирми , кои исто така имаат добиено финансиски средства од Фондот. Загрижувачки е што скоро 80% од средствата што ги добиваат, од овие компании се префрлаат на иста компанија , за иста услуга, и тоа во тек на проектните активности, кажа в.д. директорот Додов.
Според в.д. директорот, два града во Македонија добиле најмногу средства по глава на жител, односно, од 50, ним им припаднале 40 проекти. Додов не сакаше да изнесе детални информации за компаниите и градовите кои работеле противзаконски зашто, како што рече, сѐ уште трае ревизијата во институцијата.
Се пожали дека во ФИТР има само 8 лица во редовен работен однос, а во август имало повеќе од 40 примени со договор на дело, кои добивале месечен хонорар и до 60 илјади денари, а дел од нив не доаѓале на работа.
Сотир Трајков
