Македонскиот ракометен првак Еурофарм Пелистер вечерва од 20:45 часот го пречекува Веспрем во рамки на 6.коло во Лигата на шампиони на ЕХФ. Битолчани во вторникот останаа без тренерот Бранислав Ангеловски, кој си поднесе оставка веднаш по поразот од Алкалоид во Суперлигата. Тимот вечерва ќе го води Ѕвонко Шундовски, додека клубот не најде решение за тренерската позиција.
Еурофарм Пелистер во тежок момент го пречекува Веспрем, кој како и секогаш е еден од главните фаворити во ракометната елита. За разлика од минатата сезона, оваа натпреварувачка година битолчани барем освоија еден бод во Лигата на шампиони, кога на домашен терен ремизираа со Спортинг Лисабон.
Домашниот тим ќе се обиде да го изненади унгарскиот гигант, а можеби и тренерската промена ќе дојде како шок-терапија за играчите. Пелистер не се прослави на гостувањето кај Висла Плоцк минатата недела, кога загуби со 26-18, а во вторникот беше комплетно надигран и од Алкалоид со 32-25 во домашното првенство, што беше втор пораз по оној од вечниот ривал Вардар.
Ангеловски си поднесе оставка, па сега останува да видиме дали Шундовски може да го крене составот за овој голем предизвик против Веспрем, кој сезонава има еден пораз и тоа на гостувањето кај Спортинг Лисабон.
РАКОМЕТ ЛИГА НА ШАМПИОНИ
6.КОЛО
ГРУПА А
ФУКСЕ БЕРЛИН – ПСЖ (18:45 ЧАСОТ)
Е. ПЕЛИСТЕР – ВЕСПРЕМ (20:45 ЧАСОТ)
ГРУПА Б
ПИК СЕГЕД – КОЛСТАД (18:45 ЧАСОТ)
БАРСЕЛОНА – МАГДЕБУРГ (18:45 ЧАСОТ)