Граѓаните се со поделени ставови дали ќе се намалат цените или не со ограничување на маржите на 10 отсто, но сите сметаат дека сумата што го плаќаат на пазар и во маркетите е превисока и не соодветствува со животниот стандард во државата. Некои сметаат дека трговците повторно ќе најдат дупка во законите и мерките некои пак се на ставот дека ако мора да се крати во семејниот буџет тоа не смее да биде за храната.
Предлогот на министерството за економија помина на вчерашната седница на Владата и де очекува да стапи на сила во понеделник или вторник откако одлуката ќе биде објавена во службен весник и ќе биде на сила до крајот на октомври.
Според официјалните податоци есенската потрошувачка кошница содржи седумдесет и три продукти како ориз, брашно, масло леб и пекарски производи, месни и сувомесни производи, овошје, зеленчук и млечни производи.
За една недела на сила треба да стапи и Законот за забрана на нефер трговски практики кој предвидува рабатот и дополнителните трошоци на земјоделски и прехранбени производи во трговија на мало и на големо да се ограничат на 10 проценти.
Од Сојузот на стопански комори даваат поддршка на примена на законот и велат дека тој може дополнително да ги стабилизира цените за крајните потрошувачи – граѓаните.
„Нашите членки кои се занимаваат со оваа дејност се во исчекување на имплементација на законот за нефер трговски практики и сметаме дека овој закон на еден навистина подруг начин ќе ги третира сите овие односи кои владеат во оваа сфера, ќе овозможи зголемена конкуренција, намалени трошоци и на индиректен начин ќе донесе до ситуација а одредени цени на одредени производи да бидат поконкурентни кога ќе дојдат на полиците за крајните потрошувачи. Сметаме дека законот за нефер трговски практики е европска норма“, изјави Трајан Ангелоски, претседател на Сојуз на Стопански комори (ССК).
Власта и опозицијата и денес со дијаметрално спротивни ставови околу мерката за замрзнување на маржата.
За најголемата опозициската партија СДСМ мерката е задоцнета и нема да има ефект врз стандардот на граѓаните, Владата и премиерот ги обвинија за калкулантска политика и „мачкање очи“ и нагласија дека додека тие ја водеа државата мерките опфатиле над 500 производи.
Од коалицијата „Вреди“ пак потенцираат дека со оваа мерка ќе се намалат трошоците за живот а продуктите ќе бидат достапни за сите граѓани. Оттаму додаваат дека ова е прв чекор бидејќи ќе се воведат вакви кошници и во периодот на големите верски празници -Божиќ, Рамазан и Велигден.
Огнен Чанчаревиќ
