Првиот човек на Регулаторната комисија Бислимовски и министерската за енергетика Божиновска со заедничко писмо реагираат до Европската енергетска заедница дека во одредени делови на Југоисточна Европа се регистрирани нетипично високи цени за струјата. Бараат од директорот на заедницата Лорковски, специјални тимови да направат детална анализа и да се утврдат причините поради кои има ваква разлика во цените во овој дел од Европа во однос на останатите држави.
Почнувајќи од крајот на јуни 2024 година, а особено во јули и август, цените на електричната енергија во регионот на Југоисточна Европа се значително повисоки од цените во останатиот дел од Европа. Просечните цени на пазарите „ден однапред“ во јули годинава се движат од околу 159 ЕУР/MWh во Албанија, додека во Франција се околу 46 ЕУР/MWh. Најзабележливи ценовни отстапувања во овој период се регистрирани во Албанија и Романија, како и во други земји од регионот, пишува во дописот од РКЕ и Министерството за енергетика.
За оваа состојба реагирале и ресорните министрерства од Грција, Бугарија и Романија.
Денеска на унгарската берза ХУПЕКС може да се забележи дека цената за мегават час изнесува 144 евра, а во пикот надминува 170 евра.
Вакви цени можеше да се забележат на стартот на енергетската криза, а во екот на кризата достигнуваат и до 800 евра за мегават час.
Но, она што загрижува е што изминатиов период не може да се задоволат целосно потребите на струја од домашните капацитети, па поради тоа се купува електрична енергија.
Последно беа набавени над 4.400 мегавати по цена од 110 евра, за период до 17 месецов. Во претходните набавки пак трговците на ЕСМ мегават му продаваа и по цени кои достигнуваа и до 150 евра.
Според, последните податоци од енергетските кругови производната цена на државните електрани вклучувајќи ги и хидроцентралите е околу 80 до 90 евра за мегават час. Додека од РЕК Битола достигнува и до 110 евра за мегават час.
Во меѓувреме регулаторите се уште анализираат дали има простор домаќинствата да добијат уште еден час плус дневна евтина струја. За два до три дена треба да се донесе конечна одлука.
Ирена Чачкова
