За извесно време ќе треба да се разговара за минимална плата од над 500 евра, порачуваат од ССМ.
Велат цените одат нагоре, а македонските работници заминуваат на работа во соседните држави, па поради тоа сумата од 450 евра за која во моментов притискаат синдикатите за брзо време ќе биде минато и ќе треба да се разговара за поголем износ.
Од ССМ побараа и прашањето за минималецот да не се политизира.
Нашето барање за 450 евра плата ќе стане минато и во иднина ќе треба да зборуваме за минимална плата од 600 па дури и 800 евра затоа што македонските работници заминуваат на работа во Црна Гора, Србија, Хрватска . Минималната плата да не се политизира од ниту еден политички субјект, вели претседателот на ССМ, Слободан Трендафилов
Од Европската конфедерација на синдикати со порака, владата не само во земјава туку во сите држави да седнат на маса со синдикатите и да ги слушнат нивните барања, да ги подржат затоа што тие се легитимни претставници на работниците.
Најверојатно на средината на месецов на маса синдикатите ќе седнат со работодавачите и претставници од Владата на која ќе се разговара токму за ова прашање.
Но, од ССМ сѐ уште чекаат одговор кога би имале средба и со премиерот Мицкоски. Тој денеска рече дека е подготвен да се види со сите синдикалци, но конкретно не одговори на прашањето кога би се случило тоа.
ССМ смета дека минималната плата на 450 евра мора да се зголеми сега, а не да се чека до март кога треба да се случи законскиот пораст. Од Владата пак изјавија дека ако има вонредно покачување ќе мора да се сменат законите.
Минималната плата во земјава е една од пониските во регионот.
Ирена Чачкова
