Класифицирањето на договорот со Бехтел и Енка за изградба на коридорите 8 и 10д како државна тајна е кршење на Законот за класификација на документи, инсистира Александар Николовски, потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашната Топ Тема на Телма. Смета дека треба да се направи детална анализа а не да се раскинува.
Во однос на содржината на договорот, дефинитивно ќе треба длабока анализа што тој договор содржи. Факт е дека дел од тој договор е реализиран, Македонија како држава веќе исплати средства кон овој конзорциум, и мислам дека би било недомаќински да ние им ги подариме тие средства на начин што ќе го раскинеме тој договор. Тоа што мислам дека треба да го направиме е да видиме колку се реални ставките внатре, колку се реални проектите наведени внатре, и дали сето тоа што е напишано соодветствува со наведената цена, рече Николовски.
Вели дека детално го има прочитано договорот и смета дека има простор за измени.
На пример, јас мислам дека во рамки на истиот буџет покрај решението Прилеп Битола, може да се изгради Прилеп – Битола, обиколница на Битола и граничен премин со Грција – Меџитлија. Како што мислам дека има и доволно средства, во рамки на оваа рамка да се изради и експресно патско решение од Струмица до Ново Село и граница со Бугарија и а тој начин нас да ни бидат сите гранични премини, во иднина, врзани со автопат или со експресен пат, рече Николовски.