Две девојчиња од штипското средно електромашинско училиште „Коле Нехтенин“ се згазени додека преминувале на пешачкиот премин на булеварот „Гоце Делчев“, кој е на неколку чекори од нивното училиште. Девојчињата на возраст 15 и 16 година пешачкиот го преминувале пред 7:30 часот, кога во нив удрило возило цитроен Ц1 со германски национални ознаки, а управувано од 28 годишниот Н.Б од Штип.
Едно од девојчињата од ударот се здобило со тешки телесни повреди. Директорот на Клиничка болница-Штип, Ален Ѓеорѓијев потврдува дека 16-годишното девојче се здобило со скршеница на карлицата, а една година помалото девојче e со набиеници и полесни повреди.
Директорката на училиштето Јованка Шалева вели дека на пешачкиот се движеле четири девојчиња, првите две кои поминале го слушанале ударот и останале во шок. Пред неколку години кога пред училиштето на лице место загина средношколец преземени се сите мерки, изграден е нов кружен тек, поставена сигнализација и обележан пешачки премин.
Булеварот „Гоце Делчев“ е влез и излез на градот Штип, ова е една од најфреквентните улици во градот, каде што возачите и покрај сигнализацијата возат многу бргу, а на овој потег се лоцирани неколку факултети и фабрики.
Викторија Јованова
