Сите анализи се направени за поевтинување на производите, изјави министерот за економија Крешник Бектеши. Вели дека идејата е производите кои ќе бидат опфатени со мерката да бидат обележани, за граѓаните полесно да ги препознаат, и ќе се продаваат со ознаката „гарантирана цена“.
На утрешната владина седница ќе биде објавено за кои 50 категории и нивните производи станува збор, ако станува збор за шпагети, нема да биде поевтин само одреден бренд, туку сите видови кои се продаваат, истото важи и за другите артиклии. Референтната цена според која ќе се формираат новите пониски за 10% цени, ќе бидат оние од 1-ви август.
Ознаката ќе треба да биде поставена на видливо место за секој да може да ја забележи, но мерката ќе важи до 30-ти ноември и цените нема да можат да се зголемуваат.
Владата ги повика компаниите до среда сами да предложат цени на артикли кои би се намалиле за 10%.
Ќе се менува и мерката „акции и промоции“ каде што задолжително мора да е наведено дека производот е пред истек на рокот за кус период.
Од среда пазарен инспекторат ќе ги „чешла“ трговците, а на располагање има и нова алатка односно ќе може да се изрече и забрана за работење, а не како претходно парична казна, која маркетите експресно ја плаќаа и си продолжуваа по стар терк.