Македонската фудбалска репрезентација ја продолжи добрата традиција против Италија и вечерва одигра 1-1 на арената „Тодор Проески“ во рамки на 5.коло во квалификациите за Европското првенство 2024 година. Гостите поведоа, но Енис Барди со мајсторија од слободен удар ѝ донесе на Македонија голем бод.
Го почнавме натпреварот доста дефанзивно, а ниту очајниот терен на нашата национална арена не помогна многу. Италија доминираше и имаше четири добри шанси за гол, а најблиску беше Сандро Тонали, кој ја погоди стативата од голот на Столе Димитриевски. Најдобрата ситуација за гол за Македонија ја имаше Бојан Миовски во 19.минута, кога со глава биеше крај голот на Џанлуиџи Донарума.
Второто полувреме почна лошо за нашиот тим, бидејќи Италија поведе преку Чиро Имобиле во 47.минута. Капитенот на „аѕурите“ реализираше на одбиена топка откако Николо Барела ја погоди пречката.
Овој гол ја разбуди Македонија, која почна да игра многу поофанзивно и похрабро. Тоа резултираше со изедначување во 81-та минута. Елиф Елмас изнуди прекршок надвор од шеснаесетникот, а капитенот Барди мајсторски погоди од слободен удар во мрежата на Италија.
До крајот фаворитот се обидуваше да го загрози голот на Димитриевски, но без посериозни шанси, бидејќи нашите репрезентативци знаеја како да се одбранат.
На четири одиграни средби со Италија, сега имаме две ремија од по 1-1, една победа, онаа во Палермо во баражот за Светското првенство и само еден пораз и тоа во првата меѓусебна пресметка во Скопје во 2016 година со 2-3.
Во нашата квалификациска група Ц, Англија, која денеска ремизираше 1-1 на гости со Украина е лидер со 13 бодови. Украина е втора со седум, Македонија и Италија имаат по четири бодови, а последна е Малта без освоен бод.
За три дена Македонија гостува на Малта во рамки на 6.коло од квалификациите.
Фото: Игор Паневски