За време на прес-конференцијата, министерот за економија Крешник Бектеши ги кажа просечните цени на природниот гас за минатите два месеци и по неговите пресметки укажа дека цената на лебот треба да се спушти. Според Бектеши, гасот бил двојно поефтин отколку фиксната цена по која државната ЕСМ купуваше гас од бугарската фирма Балкан Јутилитис. Во јануари просечната цена на гасот била 56,57 евра за мегават час, додека ЕСМ во истиот месец го плаќаше двојно поскапо односно за 115,97 евра за мегават час.
Во февруари разликата е помала од двојна, но сепак голема. ЕСМ купуваше гас за 98,71 евра за мегават час од бугарската фирма поврзана со контроверзен руски милионер и со оф-шор сметки на Кипар. Истовремено тогаш според Бектеши пекарите купувале гас по просечна цена од 51,01 евро за мегават час поради што требало во тој дел да се намали цената на лебот за да не бидат пекарите воени профитери врз грбот на граѓаните.
И покрај претходните објави на Телма за преплатениот гас од бугарската фирма, досега надлежните главно реагираа со обвинувања за пристрасност без да ги разгледаат аргументите за цената на гасот кои денеска ги потврди и самиот министер за економија Крешник Бектеши.
Табела Цена на природен гас
Пекарници (извор: Бектеши) ЕСМ-Балкан Јутилитис (извор: ЕСМ)
Јануари 2023. 56,57 евра/MWh 115,97 евра/MWh
Февруари 2023. 51,01 евра/MWh 98,71 евра/MWh
Природниот гас, кој одредени големи производители го користат како енергент за производство на леб, особено за Скопје, во октомври бил 134,9 за мегават-час, во ноември – 116,82 евра за мегават-час, во јануари – 56,57 евра за мегават-час, во февруари бил 51,01 евро за мегават-час. И сега секој може да ги направи процените за тоа колку процентуално се намалени цените во делот на енергенсите, рече Бектеши.
