Ограничувањето на цената на лебот на 33 денари ќе важи до 31 мај, одлучи владата.Министерот за економија, Крешник Бектеши рече дека одлуката се базира врз основа на актуелните цени на сировините и на влезните трошоци.
Според Бектеши максималната цена за 450 грама бел леб треба да биде 32 денара. Бектеши додаде дека во одредени градови има цени и пониски од 32 денара. Тој ги повика пекарите да разговараат за да се најде соодветно решение преку одржливи одлуки.
Владата истовремено ја укина и цената за субвенционираната струја за прехранбените капацитети со што пекарите се вратени на пазарните цени на струјата.
-Ако во октомври и ноември, цената на горивата како импут за цената на производството, ќе го земам дизелот кога беше 99,55 денари, и во ноември кога беше просекот, беше 93 денари, денеска или во текот на јануари просечна цена е 87,88 денари и има најави за намалување. Природниот гас, кој одредени големи производители го користат како енергент за производство на леб, особено за Скопје, во октомври бил 134,9 за мегават-час, во ноември – 116,82 евра за мегават-час, во јануари – 56,57 евра за мегават-час, во февруари бил 51,01 евро за мегават-час. И сега секој може да ги направи процените за тоа колку процентуално се намалени цените во делот на енергенсите, рече Бектеши.
-Во делот на субвенционираната електрична енергија, просечната цена според берзата „Хупекс“ за октомври е 193,94 евра. За ноември е 222,4 евра, за декември е 261,15 евро, а сите добија повластена цена од 80 евра. Во јануари е 148,69 евра, а сите производители добија цена од 80 евра за мегават-час. И февруари е 145.99 евра, а сите производители добија цена од 80 евра за мегават-час. Цените се без трошок за пренос и дистрибуција, што значи дека се минимум 20 отсто повисоки од графиконот. А сите производители добија цена од 80 евра за мегават-час, изјави Бектеши.
Цените на лебот биле и по 28 денари во одделни градови, наведе Бектеши.
-Цените на белиот и на полубелиот леб се движат од 28 денари, до над 40, па и до 45 денари, во зависност од производителите. Ако е логично да има толку голема разлика во производството на одреден леб, зборуваме само за два вида леб од големата понуда, значи ние мислиме дека не е во ред. Секако дека тоа што е поддршка од страна на Владата треба да им се врати на граѓаните и на потрошувачите, рече министерот според кого цената на брашното паднала за два денари просечно по килограм меѓу октомври и февруари.
Мелничарите уште вчера најавија дека доколку државата се вмеша во пазарот со ограничување и замрзнување на цени, тие ќе престанат да произведуваат и испорачуваат леб.
