Превозниците од Македонија, Србија, Црна Гора и Босна и Херцеговина денеска ќе испратат заедничко писмо до Европската комисија со барање најдоцна до 10 август да биде понудено прифатливо решение за проблемот со ограничувањето на престојот на професионалните возачи во Шенген-зоната.
Одлуката била донесена на состанокот на транспортните здруженија од четирите земји, од каде најавуваат дека писмото ќе биде доставено и до владите, стопанските комори и извозните компании во регионот, со цел да се засилат притисоците за побрзо решавање на проблемот.
Доколку до наведениот рок не се добие прифатлив одговор, здруженијата повторно ќе се состанат и ќе најават нови конкретни мерки за забрзување на решавањето на проблемот.
По заедничкиот состанок, претседателот на Деловното здружение „Меѓународен транспорт“, Неѓо Мандиќ, соопшти дека здруженијата сакаат да избегнат протести и блокади на границите, бидејќи тоа би им нанело штета на превозниците, на економијата во регионот и на европските партнери.
Проблемот произлегува од правилото според кое државјаните на трети земји можат да престојуваат во Шенген зоната најмногу 90 дена во период од 180 дена, што не е приспособено за професионалните возачи. Анализата на здруженијата покажува дека на возачите им се потребни околу 130 дена работа во период од 180 дена за непречено извршување на меѓународниот транспорт. Мандиќ нагласи дека возачите не можат да се изедначуваат со туристите, бидејќи поголемиот дел од времето го поминуваат во камионот или на задолжителни одмори на паркинзи. Проблемот е дополнително изразен по проширувањето на шенгенскиот простор со Хрватска, Романија и Бугарија.
