Македонија денеска официјално го презема командувањето со Балканските медицински наменски сили од позицијата „рамковна земја“, на свеченост во касарната „Илинден“ во Скопје.
На настанот ќе се обрати заменик-министерот за одбрана Адмир Шабани. Со промената на раководните позиции, Словенија го презема претседавањето со Управниот одбор на силите, додека досегашниот и новопоставениот командант ќе се обратат на свеченоста, заедно со претставници од земјите учеснички.
Настанот има симболично значење за регионалната воена медицинска соработка. Во рамки на свеченоста ќе бидат одбележани и 15 години од иницијативата за формирање на БМНС и 10 години од воспоставувањето на постојаната организација со седиште во Скопје, која претставува важен центар за координација на медицинските сили во регионот.
