Вишиот суд во Белград денеска ги осуди на затворски казни родителите на малолетникот кој пред три години уби девет свои соученици и чуварот во училиштето „Владислав Рибникар“ во Белград. На повтореното судење, таткото Владимир Кецмановиќ беше осуден на 14 и пол години затвор, додека мајката Миљјана Кецмановиќ на две години и 11 месеци.
„Денешната пресуда е најблиску до тоа што можеме да го очекуваме од правдата. Секако дека сме задоволни со осудителната одлука и речиси максималните изречени казни. Судот во повторената постапка пристапи многу посветено, професионално и квалитетно, не беше лесно да се води оваа постапка“, Огнен Божовиќ, адвокат на една од жртвите.
Високата казна за таткото се должи на делото загрозување на општата безбедност, затоа што својот малолетен син го научил да ракува со огнено оружје и редовно го носел на стрелање.
„Судот го објасни и целиот тек на главниот претрес, од првата седница па се до денеска, затоа мислам дека и без разлика на фактот што јавноста беше исклучена, вие денеска може да имате апсолутно целосна слика како за целото времетраење на оваа постапка да сте биле во судницата. Тоа мислам дека е многу важно за јавноста, пред сѐ за генералната превенција која оваа казна треба да ја има за сите луѓе, вакво нешто никогаш да не се повтори“, Зора Добричанин, адвокатка на семејствата на жртвите.
И двајцата родители се осудени и за делото запуштање и злоставување на дете, иако одбраната смета дека тоа не било докажано.
„Никаде во текот на оваа постапка не беше утврдено дека дошло до запуштеност кај малолетното дете поради оснесувањето на неговите родители, бидејќи овој факт единствено судските вештаци можат да го утврдат“, Ирина Боровиќ, адвокатка на обвинетите сопружници Кецмановиќ.
Останатите обвинети во случајот добија поблаги казни, односно инструкторот во стрелиштето Партизан во Белград, Немања Маринковиќ на една година куќен затвор и сопственикот на стрелиштето Ратко Ивановиќ, кој беше осуден на пет месеци куќен затвор. Малолетниот Кецмановиќ, кој поради својата возраст во моментот кога го изврши грозоморното злосторство не можеше правно да одговара, сѐ уште е на психијатриско лекување.
Игор Трајков
