Вести Македонија Топ вести

Регистриран прв случај на Зика вирусот во Македонија – пациентот се заразил на Малдиви, каде бил каснат од комарец

Институтот за јавно здравје (ИЈЗ) попладнево соопшти дека во земјава е регистриран прв случај на Зика вирусна инфекција во земјава. Ризикот за населението во моментов се оценува како низок.

„На ден 17.06.2026 година, од страна на Одделението за вирусологија при ИЈЗ, Одделот за епидемиологија на заразни заболувања при ИЈЗ доби информација за конфирматорен позитивен наод на зика вирусна инфекција“, соопшти ИЈЗ.

Како што наведуваат оттаму, пациентот е контактиран од надлежен епидемиолог, при што се предложени соодветни превентивни мерки.

ИЈЗ информира дека според добиените епидемиолошките податоци, заболеното лице во периодот од 20-28.05.2026 година престојувало на Малдиви. За време на престојот, пациентот дава податок за каснување од комарец. Веднаш по враќањето се јавил на преглед на КИБФС каде било поставено сомневање за денга.

„Првите знаци на болеста се јавиле на 24.05.2026 година со треска, болки по телото-мускулите и зглобовите, лесно покачена температура, за подоцна по четири дена  да се појави и ситен, густ осип. Пациентот бил прегледан во КИБФС, а направени се и лабораториски испитувања за денга, зика и чикунгуња во Одделението за вирусологија при ИЈЗ. Согласно резултатите од микробиолошкото испитување, добиен е позитивен серолошки и молекуларен наод за зика“, стои во соопштението на ИЈЗ.

Се посочува дека пациентот не бил хоспитализиран, пратен е на домашно лекување и во моментот е во добра општа состојба.

„Иако станува збор за импортиран случај, поради интензивниот меѓунаредон транспорт и се поголемите трендови за патувања во тропски туристички дестинации како Малдивите, Тајланд, Индонезија, Бразил, Карипскиот регион и други подрачја каде што има документирана циркулација на вирусот Зика, реално постои можност за појава на нови импортирани случаи. Дополнителен фактор на ризик претставува широката распространетост на комарецот Aedes albopictus (азиски тигрест комарец) во повеќе европски земји, кој е потенцијален вектор за пренос на вирусот Зика“, нагласуваат од ИЈЗ.

Постои можност за понатамошно пријавување на нови случаи во периодот на активност на комарците за лицата кои патуваат во зафатените региони и ризикот за овие лица се проценува како низок до среден.

„Ризикот за населението во РСМ во моментов се оценува како низок. Ризикот може значително да се намали со спроведување на препорачаните превентивни мерки за заштита од убоди од комарци и придржувањето кон препорачаните превентивните мерки и совети“, додава Институтот.

Зика вирусната болест е акутна вирусна инфекција предизвикана од вирусот Зика, арбовирус од родот Flavivirus и фамилијата Flaviviridae. Болеста најчесто се пренесува преку убод од инфицирани комарци од родот Aedes, кои се активни претежно во текот на денот, најзастапени во тропските и суптропските региони, но можно е пренесување и по сексуален пат, вертикално од мајка на плодот за време на бременоста, како и преку трансфузија на крв.

Инкубацијата на болеста вообичаено трае 3-14 дена. Клиничката слика главно е лесна и се карактеризира со симптоми кои вообичаено траат 2-7 дена, иако најголем процент од инфицираните лица (окулу 80 отсто) не развиваат симптоми. Од симптоми најчесто се јавуваат: осип, покачена телесна температура, конјунктивитис, главоболка, мијалгии и артралгии.

Инфекцијата со вирусот Зика за време на бременоста може да предизвика раѓање на бебиња со микроцефалија и други конгенитални малформации, како и да предизвика предвремено породување и спонтан абортус, може да биде поврзана и со синдромот Guillain-Barré, невропатија и миелитис кај возрасни и деца, од што произлегува и јавно-здравственото значење на оваа болест. Конгенитални малформации се јавуваат и по симптоматска и по асимптоматска инфекција. Овие симптоми се вообичаени за други арбовирусни и неарбовирусни заболувања; затоа, дијагнозата на инфекција со вирусот Зика бара лабораториска потврда.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Трамп: Мелони ме молеше да се сликаме во Париз – Мелони: Ниту јас, ниту Италија не молиме никого, запамти го тоа

Sasko Dimovski

Хоџа: Работиме на регистар за секој граѓанин да има увид кој капацитет колку загадува, ако не се реализира проектот ќе сносам одговорност

Sasko Dimovski

Хоџа уверува: Обновената дозвола за „Титан Усје“ ќе биде според новиот закон

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе