Вести Економија Македонија Топ вести

Со намалено производство на храна, помали приходи и недостиг на вода – одбележан Светскиот ден за борба против сушата

По повод Светскиот ден за борба против сушата, експертите предупредуваат дека големите сушни периоди и високите температури сериозно го намалуваат земјоделското производство во Македонија. Тоа ја наметнува потребата за поефикасно управување со водата и нови  поотпорни производствени практики за да се намалат последиците. 

Се почестите сушни периоди, високите температури и намалените врнежи сериозно го загрозуваат земјоделството во Македонија, каде земјоделското земјиште зафаќа речиси половина од територијата на државата.

Од Центарот за климатски промени посочуваат дека најголем ризик од суша има во Североисточниот, Скопскиот, Вардарскиот, Пелагонискиот и Југоисточниот регион, а посебно чувствителни се  Скопската, Штипската котлина и Овчеполието.

Во овие области последиците од климатските промени веќе се чувствуваат преку намалени приноси и  недостиг на вода, што директно се одразува врз производството на храна, приходите на земјоделците и локалната  економија.

  • „Сушата останува еден од најсериозните предизвици на современите климатски промени, кој бара координиран, навремен и интегриран одговор на сите нивоа на управување. Неопходно е зајакнување на институционалните и локалните капацитети за проценка на ризиците и стратешко планирање  и обезбедување   финансиски средства за спроведување на мерки за адаптација кон климатските промени“, велат од Центарот за климатски промени. 

Според климатските проекции, до крајот на векот температурата во земјава може да порасне за 5 степени Целзиусови, летните врнежи да се намалат за 40 проценти, а бројот на летни денови да се зголеми за дополнителни 50 до 60 дена годишно, укажуваат од Германското друштво за меѓународна соработка (ГИЗ).

  • „Во услови на намалени и лошо распределени врнежи, повисоки температури и подолги сушни периоди, потребно е поефикасно користење на водата и воведување производствени практики кои ќе бидат поотпорни на суша и екстремни временски услови“, соопштија од ГИЗ. 

Со поддршка на германската Влада, ГИЗ и Факултетот за земјоделски науки и храна отворија експериментално поле во Долно Лисиче, каде што се тестираат различни методи за справување со климатските ризици.  Експертите заклучуваат дека иднината на земјоделството ќе зависи од поврзувањето на науката, теренските истражувања и институционалната поддршка, со цел намалување на последиците од сушата и зголемување на отпорноста на секторот.

Емилија Мисирлиевски 

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Новиот владин состав ќе се дефинира викендов – Мицкоски претходно ќе се сретне со коалиционите партнери од ЗНАМ и од Вреди

Дејан Дејан

Нема реформи, нема напредок, Мицкоски ја оддалечува Македонија од ЕУ – СДСМ со реакција за нацрт-извештајот на ЕП

Дејан Дејан

Едукација под отворено небо и поддршка за згрижувачките куќи: Нова заедничка активност на Flex Credit и СОС Детско село

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе