Инфлацијата го совлада растот. По Народна банка, и од владата излегоа со полоши прогнози за домашната економија. Според фискалната стратегија, наместо првично планираните 3,8 отсто раст на БДП, сега владините проекции се дека тој годинава ќе биде 3,5 проценти. Спласна оптимизмот и за инфлацијата. Па, така очекувања се дека наместо 2,5 да биде 4,5 проценти, што е повисоко и од она што го прогнозираа од НБРМ.
„Проекцијата за реалниот раст на БДП за 2026 година е ревидирана на 3,5% од 3,8%, главно како резултат на неизвесноста и ограничувањата кои произлегуваат од конфликтите и геополитичките тензии кои негативно се одразуваат врз глобалната економска активност. Ова имплицира одредено одложување на претходно проектираната патека на забрзување на економската активност во земјата“, стои во Фискалната стратегија.
Иако бројките од Финансии покажуваат дека за само три месеци, две третини од планираниот буџетски дефицит за годинава е исполнет, во стратегијата нема измени во овој дел. Но, допрва ќе се види дали до крајот на годинава ќе има корекции и кај минусот во државната каса, со оглед на тоа дека за осум месеци има можност да се потрошат уште 230 милиони евра за целосно да биде реализиран планираниот дефицит за 2026 година.
Во фискалната стратегија, документ кои е веќе испратен и во Собрание, стои дека цените сè уште се под силен притисок од воениот конфликт.
„Таквата состојба може брзо да се прелее врз цените на останатите примарни производи и суровини, да доведе до нарушување на синџирите на снабдување и да ги засили инфлаторните очекувања“, пишува во стратегијата
Пишува и дека надолните корекции за глобалниот раст и надворешната побарувачка ќе донесат и помал извоз од домашните компании, а продлабочување на конфликтот може да ги одложи и планираните инвестиции на македонските фирми.
Пред неколку дена и Народната банка излезе со полоши прогнози за домашната економија. И од таму очекуваат домашната економија да испорача помал раст, но да има и повисока инфлација.
Статистика, пак, за април измери инфлација од 5,7 отсто во однос на април лани. Сепак и домашните експерти, но и од НБРМ, посочија дека просторот за евентуални мерки за заштита од ценовен шок е стеснат.
Ирена Чачкова
