Вести Македонија Топ вести

Педагошки мерки за насилничките, жртвата следи настава од дома – МВР со кривични пријави за малолетничките кои нападнаа 13-годишно девојче во Ѓ. Петров

Кривични пријави за четири малолетнички кои учествуваа во инцидентот кон крајот на месец март во Ѓорче Петров кој ја вознемири домашната јавноста поради степенот на бруталност, а ќе одговараат и нивните родители. Во обвинителството постапката тече, а во училиштето наставничкиот совет им го намалил поведението или, пак, им изрекол укор на сите кои учествуваа во инцидентот. Малолетничката која е жртва во овој немил настан ја следи наставата од дома.

Од МВР соопштија дека кривични пријави во текот на утрешниот ден ќе бидат поднесени и против родителите на четирите ученички кои веќе се товарат за делото насилство.

„Единицата за внатрешни работи Ѓорче Петров до ОЈО Скопје поднесе кривична пријава против четири малолетнички, една 17-годишна и три 14-годишни, поради основи на сомнение дека извршиле две кривични дела „насилство“ предвидено и казниво по член 386 од КЗ.. Во текот на утрешниот СВР Скопје ќе поднесе кривична пријава и против родители на инволвираните малолетници“, соопшти МВР.

Според информациите на Телма, две од пријавените ученички не се од училиштето „Мирче Ацев“, туку од средното хемиско и друго основно во Општина Ѓорче Петров.

Сите мерки кои беа на располагање се преземени. Известена е полицијата, обвинителството, просветниот инспекторат и народниот правобранител, а училишното раководство уште во текот на минатиот месец им изрече санкции на сите инволвирани во насилството, соопшти градоначалникот Александар Стојкоски.

„Преземени се повеќе активности во периодот од 31 март до 15 април, кога од страна на наставничкиот совет, по собрани сите податоци, изречени педагошки мерки врз 10 ученици кои биле вклучени во инцидентот. Сите се со различен тип на вклученост во самиот настан и на кои соодветно на тоа им се изречени мерките. На три максимално им е намалено поведението во незадоволително, на двајца им е намалено на ниво на добро, а пет ученици се опоменати со мерката укор. Едно од децата ја следи наставата од дома, другите на кои им се изречени мерки ја следат наставата во училиштето“, изјави Александар Стојкоски, градоначалник на Општина Ѓорче Петров.

Од министерството за образование соопштија дека просветниот инспекторат постапува, а пратен е допис до градоначалниците и училиштата да се воведе дежурен наставник за време на одморите во училиштата.

„Се обративме и до градоначалниците, пративме допис и до училиштата дека мора да се врати една стара пракса која постоеше и покажуваше ефекти, а тоа е на големите и малите одмори да има дежурен наставник. Не дежурни ученици по ходниците. Не само по ходниците, туку и во дворот на училиштето. Наставниците мора да имаат увид во тоа како се однесуваат нивните ученици, бидејќи тоа е воспитно-образовен процес, не е само образовен, туку и воспитен“, информира Весна Јаневска, министерка за образование.

Од обвинителството соопштија дека се постапува согласно законот за правда за децата и кога ќе има конкретни информации кои може да се споделат со јавноста тоа ќе биде направено.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Финансова со кривични пријави за измама тешка над 50 милиони денари со ИПАРД средства

Дејан Дејан

Уапсен е потпалувачот на пожарот во Горно Оризари

Дејан Дејан

(фото)Поројниот дожд однесе дел од улицата „Дебарска“ во Битола, жителите со години бараат реконструкција

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе