Опозициската СДСМ побара Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) без одлагање да го достави предметот за генералниот секретар на Владата, Игор Јанушев до Јавното обвинителство. Според партијата, постојат сомнежи за прикривање имот, поврзани со наводна компанија во Бугарија која не била пријавена во анкетните листови.
Од СДСМ наведуваат дека, доколку се потврдат наводите, можни се кривични и прекршочни санкции, вклучително и затворска казна, конфискација на имот и дополнително оданочување. Тие нагласуваат дека ДКСК има обврска да постапи и да го проследи случајот до обвинителството.
Партијата побара Јанушев да се повлече од функцијата или да биде разрешен додека трае евентуалната истрага, истовремено упатувајќи критики и кон владејачката ВМРО-ДПМНЕ за, како што велат, недоследности во политичките ставови.
