Удар врз идентитетот, вака реагираат родители на ученици од државното средно музичко училиште во Битола на најавите за укинување на насоката за традиционален играч и пејач.
Тие бараат од Министерството за образование да ја преиспита одлуката и да даде јасно образложение, посочувајќи дека учениците од фолклорната насока со своите настапи за кратко време станаа препознатливи во земјава и странство и имаат значаен придонес во афирмацијата на македонскиот фолклор
„Оваа насока и тоа што овие деца го изучуваат е нашиот идентитет. Што е идентитетот? Јазикот и фолклорот. Ако тоа го изгубиме, го губиме идентитетот. Ако се повикам на најголемата заложба на оваа Влада – зачувување на идентитетот – можам да кажам дека овие деца на своите кревки рамена носат огромен дел од таа заложба. Не смееме да дозволиме да замре нашиот идентитет со замирање на изучувањето на македонскиот фолклор“ – вели Силвана Петрова Насух, родител на едно од децата.
Фолклорната насока беше отворена лани, веќе е набавена и опрема за реализација на наставата, а во втора година продолжуваат 10 ученици. Родителите се изненадени од најавите за нејзино затворање во време кога интересот за запишување расте.
Предупредуваат дека укинувањето ќе го прекине создавањето стручен кадар за ансамбли и културно-уметнички друштва.
„Културно-уметничките друштва, откако ја препознаа вредноста на оваа насока, веќе се обидуваат да регрутираат ученици со ваков профил, со цел фолклорот што го негуваат да го издигнат на повисоко, стручно ниво, достојно за македонската традиција“, додава Петрова Насух.
Со конкурсот на Министерството за образование за упис во средните училишта, за битолското музичко училиште е предвидено запишување на 68 ученици во две паралелки – музичар-изведувач и музичар-теоретичар, без насоката за традиционален играч и пејач.
Родителите се надеваат дека надлежните ќе ја преиспитаат одлуката.
Од Министерството за образование Телма очекува одговор на прашањето, кои се причините за укинување на оваа насока во Државното средно музичко училиште во Битола, само една година по нејзиното отворање.
Емилија Мисирлиевски
