Вести Македонија Најважни

Слободата на медиумите во пад и во Македонија и во светот – над 69% од новинарите во нашата држава работат за потпросечни плати

Слободата на медиумите и на изразувањето е во пад, а последните три години падот е толку интензивиран што се изедначува со најнестабилните периоди од минатиот век како Втората светска и Студената војна покажува извештајот на УНЕСКО објавен денес по повод 3-ти мај ден на слободата на медиумите.

Над 60 активни вооружени конфликти во светот, манипулација со информации и мешање од злонамерни актери, насилството врз новинарите и нерасветлените убиства, намалената финансиска независност се само дел од причините за падот на слободата на медиумите во светот и во Македонија.

„ Самоцензурата порасна за повеќе од 60 отсто, поттикната од страв од одмазда, онлајн вознемирување, судско заплашување и економски притисок. Каде што независното новинарство слабее, општествата стануваат по изложени на дезинформации, поларизација, манипулација и насилство,. Слободата на печатот и независното новинарство не се секторски прашања. Тие се сили кои овозможуваат мир, отпорност и демократското управување“ – порачуваат од УНЕСКО.

Независните медиуми се камен-темелник на секое демократско општество а пристапот до медиумите и слободата на изразување се фундаментални човекови права, соопштија од ЕУ.

СЛАПП тужбите, безбедноста на новинарите и новинарките, притисоци од авторитарни режими, убиства на новинари кои не се истражени како и убиство во зоните на конфликт како Украина и Либан и особено Газа се дел од клучните проблеми кои ги истакнува официјален Брисел.

Политичкото влијание врз медиумите, финансиската зависност и економската состојба на медиумите се клучните фактори кои влијаат слободата на медиумите во Македонија и во светот, сметаат од Здружението на новинари на Македонија

Воспоставување на Фонд за медиумски плурализам како јавна политика и решение за економската слабост која директно влијае врз квалитетот и независноста на новинарството не смее да се игнорира. Клучниот, системски проблем претставува финансиската зависност на медиумите кои често се принудени да зависат од политички и бизнис центри на моќ, што директно влијае врз нивната уредувачка политика“ – оценуваат од ЗНМ.

Од Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) нагласуваат дека слободата на медиумите зависи од финансиската слобода и од безбедноста на медиумските работници и новинарите.

„Мораме да имаме безбедни работни места, односно отказите вон законот мора да престанат. Ние постојано сме атакувани во онлајн просторот. Навредувани и тоа не само од граѓани, кои не знаат дека можеби го кршат законот, или дури и знаат и го кршат законот, туку и од политички елити, бизнис елити, од поединци. Но, во столбот на економските и социјалните аспекти, ние сме најкревки, ние сме најслаби. Еве ги резултатите: нашето истражување од минатата година утврди дека 69 проценти, а сега тој процент можеби е поголем, од медиумските работници работат за потпросечни плати“ – вели претседателот на ССНМ, Павле Беловски.

Според последниот извештај на„ Репортери без граници“ Македонија падна за дополнителни три места и сега се наоѓа на 45 место, девет места полошо од 2024 година.

Минатата година е регистриран пад во три од петте индикатори по кои се мери слободата на медиумите – политичкиот, економскиот и безбедносниот, кај легислативата е задржано исто ниво, а во социо-културниот индикатор бележи минимално подобрување па Македонија останува во групата на земји со „проблематична“ состојба во медиумската сфера.

Огнен Чанчаревиќ

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Трпеноски: Ситуацијата во Македонија е како трчање на лента, можете да истрчате 10-15 километри, aма трчате во место

Sasko Dimovski

Меѓуетничките односи се сериозно нарушени, допрва ќе стигне фактурата – оцена на Селими за две години од промената на власта

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе