Илјадници туристи за првомајските празници го преплавија Дојран. Крајбрежјето на езерото беше исполнето со гости од земјава и регионот, кои уживаа во сончевото време, прошетките покрај вода и традиционалната дојранска кујна.
Дојранчани не ја кријат својата радост. Велат дека ваквата посетеност е одличен навестувач за претстојната летна сезона и се надеваат дека интересот ќе продолжи и во наредните месеци.
„Ова е одличен почеток. Имаме гости повеќе од лани, сите се расположени, а тоа ни дава надеж за успешна сезона“, велат домаќините.
И туристите се задоволни од престојот. Велат дека во Дојран секогаш се враќаат поради топлото гостопримство, вкусната храна и пријатната клима.
„Јас сум од Прилеп. Не доаѓам често, но, кога и да навратам подобро е од порано. Дојран оди напред“, вели турист..
Од Општината информираат дека туристичките капацитети за празниците биле речиси целосно пополнети. Надлежните очекуваат трендот на зголемен број гости да продолжи и во текот на летото, со што Дојран повторно ќе се потврди како една од најатрактивните туристички дестинации во земјава.
Сузана Мицева
