Опозиционерите од албанскиот блок ги засилуваат политичките консултации во рамки на законодавниот дом. Една недела откако Европскиот фронт ја започна иницијативата за собирање пратенички потписи за отпочнување на процесот на уставни измени, од ДУИ тврдат дека сѐ посилни се сигналите за проширување на поддршката и надвор од кругот на коалициските партнери. Интегративците велат дека има најави за можна поширока мобилизација во Собранието.
Целта е да се обезбеди поширок консензус и да се надмине партиската поделба околу прашањето, кое се позиционира како стратешко за иднината на евроинтеграциите на земјата.
„Во тек се разговори со другите пратеници и другите парламентарни групи. Има и пратеници надвор од Европскиот фронт кои се подготвени да ја поддржат иницијативата“, велат од Демократската унија за интеграција.
Од СДСМ се на став дека уставните измени се потребни и треба да се случат, но не ја поддржуваат иницијативата на Европскиот фронт предводен од ДУИ.
Во меѓувреме, Социјалдемократскиот сојуз и ВМРО-ДПМНЕ продолжуваат со меѓусебните обвинувања и политичката пресметка и околу уставните измени, но и за реформскиот пат и евроинтеграциите.
Според СДСМ, власта веќе бара алиби за неуспешните реформи и неисполнетите обврски. Од опозициската партија се на став дека токму тоа се прави со портретирање на СДСМ како виновник за блокада на Изборниот законик.
„Не им треба СДСМ за закони – им треба изговор за сопствениот неуспех. Мицкоски пред граѓаните помпезно ветуваше дека „наскоро од Брисел ќе стигне вест дека сме рамо до рамо со Црна Гора“. Уште пред да дојде јуни, од вчера веќе подготвува алиби зошто тоа нема да се случи“, кажа Наташа Поповиќ, членка на Извршниот одбор на СДСМ.
Од ВМРО-ДПМНЕ возвраќаат дека опонентите се без правец и стратегија, но во паника поради колапс на сопствениот рејтинг. Од владејачката партија го обвинуваат лидерот на СДСМ, Филипче, дека е подготвен да ги распродава националните интереси, за да ја зачува партиската функција.
„СДС се претставуваат како проевропска опција, а сè што ќе кажат постојано е демантирано од европски институции или од европратеници. Проевропска опција е етикета која СДС и Венко Филипче сами си ја налепуваат само за да даваат лажни оправдувања за сите национални предавства кои ги направија додека беа на власт. Уставни измени без гаранции нема да има“, кажа Валентин Манасиевски, член на Централниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ.
Од СДСМ, пак, прашуваат што прави Заедничката историска комисија помеѓу Македонија и Бугарија на редовните средбите коишто ги одржуваат, за што зборуваше и заменикот министер за надворешни работи Димитровски, во телевизиско гостување.
Социјалдемократите прашуваат дали комисијата тајно договара внесување на Бугарите во Уставот.
Петар Догов
