Изборниот законик нема да биде донесен до јуни, најави премиерот. Тој е вториот од двата реформски закони кои нема да бидат испорачани до крајниот рок. Работата на Изборниот законик се заглави откако беше укината техничката влада, а претставниците од СДСМ, во знак на револт ја напуштија работната група во Министерството за правда која работеше на изборните реформи.
- Не можеме да го исполниме условот да се донесе нов Изборен законик, затоа што СДСМ ја напуштија работната група, а тоа е еден од законите кои мора да се донесат со консензус, изјави Христијан Мицкоски, премиер.
Владата нема да го исполни ниту барањето на ЕУ,да се промени начинот на набавка на електрична енергија, со што би се намалило државното учество во субвенционирањето на цената за домаќинствата. Сметаат дека, ако тоа се направи, сметките ќе бидат повисоки за 25 до 30 проценти и свесно ќе го преземат чекорот за да се заштити стандардот на граѓаните. Ова е заклучено на вчерашниот состанок со ресорните министри во владата.
Мицкоски тврди дека, останатите осум реформски закони ќе бидат завршени и државата, како што рече, „ќе застане рамо до рамо со таканаречените фронт-ранери во групата„. Побара јавноста со резерва да ги сфаќа пораките на опозицијата, затоа што смета дека целта им е да привлечат внимание со лаги и шпекулации и да останат на чело на партијата.
Тие, пак, тврдат дека, реалноста е сосема спротивна.
- „Поради политиката на Мицкоски, криминалот, корупцијата и обожавањето на „браќата“ Орбан и Вучиќ, Македонија многу повеќе личи на Србија (која ги губи средствата и интеграциите) отколку на Црна Гора која напредува кон членство во ЕУ. Мицкоски може да си ги раскажува своите бајки дека сме трета економија во Европа, но со празни фрижидери и паричници граѓаните јасно ја гледаат вистината„, соопштија од СДСМ.
На лидерската средба во јануари годинава беше договорено да се донесе нов Изборен законик до јуни или барем измени на постоечкиот доколку забелешките на партиите не надминат една третина од законот. Но оттогаш работната група одржа само четири состаноци,од кои два суштински. Беа дадени предлози и препораки и од институциите како ДИК и АВМУ и целиот процес запре поради укинувањето на техничката влада.
Далиборка Демјанска
Б.С.
