Вести Македонија Најважни

Македонија бележи пад од три места на листата за слобода на медиумите – политички притисоци, економска несигурност, дезинформации и странски мешања

Македонија падна за три места на Индексот за слобода на медиуми на Репортери без граници и годинава е рангирана 45-то место, откако лани беше на 42-то, а во 2024 на 36-тото место. Репортери без граници констатират дека севкупната средина за слободата на медиумите останува поволна, но владините институции не се многу транспарентни, а критичкото новинарство е сè повеќе предмет на напади.

„Иако новинарите не работат во непријателско опкружување, широкораспространетите дезинформации и недостатокот на професионализам придонесуваат за опаѓање на довербата на општеството во медиумите, што ги изложува независните медиуми на закани и напади. Исто така, владините функционери имаат тенденција да имаат лоши и понижувачки ставови кон новинарите“, се наведува во Извештајот на Репортери без граници.

Македонија во 2025 година забележала пад во три од петте индикатори по кои се мери слободата на медиумите – политичкиот, економскиот и безбедноснио, во легислативата останала на исто ниво, а во социо-културниот индикатор бележи минимално подобрување. Таа останува во групата на земји со „проблематична“ состојба во медиумската сфера.

„Иако одредени видови медиумска концентрација се забранети со закон, уредничкиот персонал на некои од главните телевизиски канали е изложен на економски притисоци од нивните сопственици. Државното финансирање е ограничено и нетранспарентно, а независните медиуми во голема мера се потпираат на донатори“, стои во извештајот.

Репортери без граници констатираат дека новинарството е многу несигурна професија и дека некои медиумски куќи се подложени на влијание од страна на маркетинг агенциите. Што се однесува до безбендоста во Извештајот се наведува дека неколку инциденти ја намалиле перцепцијата за безбедност кај новинарите, вклучувајќи подметнување пожари на нивен имот и случаи на полициско малтретирање, а се констатира и дека новинарите кои известуваат за обвинителството се соочуваат со значителен притисок.

На глобално ниво, состојбата со слободата на медиумите е загрижувачка, наведуваат Репортери без граници. За првпат, повеќе од половина од земјите во светот се во категориите „тешка“ или „многу сериозна“ состојба за медиумските слободи. Во регионот, подобро рангирани се Словенија и Црна Гора, додека во групата „проблематичќни“ се и Хрватска, Бугарија, Албанија и Грција. Босна и Херцеговина и Србија се во категоријата „тешка состојба“. Во светот најголема слобода медиумите, повторно, уживаат во Норвешка.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

ЕУ до 2029 година ќе воведе дигитално евро

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Трпеноски: Ситуацијата во Македонија е како трчање на лента, можете да истрчате 10-15 километри, aма трчате во место

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе