Вести Македонија

Уставниот суд утврди повреда на слободата на изразување: Развојна банка должна да достави информации на новинар

Уставниот суд на Република Северна Македонија на денешната 11. седница утврди повреда на слободата на мислата и јавното изразување на мислата на новинарот Давид Илиески, задолжувајќи ја Развојната банка да ги достави бараните информации од јавен карактер.

Судот одлучи дека Развојната банка е должна „да ги достави бараните информации, согласно Барањето за пристап до информации од јавен карактер… во рок од 8 дена откако Одлуката… ќе се објави во ‘Службен весник’“. Одлуката е донесена едногласно, со поддршка од сите осум судии.

Во образложението, Уставниот суд нагласува дека станува збор за повреда сторена „со дејствие, во форма на пропуштање, односно неизвршување на обврзувачка одлука“ на Агенцијата за заштита на правото на слободен пристап до информации од јавен карактер (АСПИ). И покрај тоа што АСПИ наложила доставување на информациите, Развојната банка не постапила по решението.

Судот го применил т.н. „трипартитен тест во демократско општество“, при што утврдил дека ограничувањето на правото не е законски засновано.

„Непостапувањето… не може да се смета дека е ограничување пропишано со закон, туку напротив, станува збор за ограничување спротивно на закон“, се наведува во одлуката.

Дополнително, Судот оценил дека повикувањето на банкарска тајна „не може да претставува законска основа за ограничување на правото“. Во однос на легитимната цел, Судот посочува дека прашањето веќе било разгледано од надлежен орган.

„Повторното повикување на истата основа од страна на Развојна банка не може да се смета за оправдано“, стои во соопштението.

При анализата на неопходноста, Уставниот суд оценил дека ваквото постапување е спротивно на демократските принципи: „Самото неизвршување на конечното решение го поткопува и владеењето на правото“.

Случајот се однесува на барање за информации поврзани со користење на јавни средства од страна на Развојната банка, што Судот го оценува како прашање од висок јавен интерес. Иако банката доставила делумни, агрегирани податоци, не ги објавила конкретните информации за компаниите и проектите финансирани во периодот од 2020 година наваму.

„Правото на пристап до информации од јавен карактер е составен дел од слободата на изразување“, потенцира Судот, додавајќи дека попречувањето на пристапот до информации претставува и попречување на јавното информирање.

Одлуката се смета за преседан, бидејќи за првпат Уставниот суд ја применува можноста од член 57 од својот Акт и директно утврдува рок и начин за отстранување на последиците од повредата.

Судија известител кој го подготви рефератот е Добрила Кацарска.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Два силни земјотреси со јачина од 7.5 и 7.2 степени ја погодија Венецуела

Дејан Дејан

ЕУ до 2029 година ќе воведе дигитално евро

Sasko Dimovski

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе