Вести Македонија Топ вести

Нов ценовник за собирање отпад за домаќинствата во Тетово – опозицијата вели во време на криза ова е нов товар за граѓаните

Советот на Општина Тетово изгласа нов ценовник за собирање и транспорт на отпад. Оваа услуга ја врши приватна фирма согласно јавно-приватно партнерство со општината. Тие образложија дека оперативните трошоци се зголемени и затоа треба да има повисоки цени. Советниците имаа различни ставови и предлози колку треба да изнесува плаќањето за оваа комунална услуга.

Домаќинствата во Тетово кои досега плаќаа по 3,2 денари за метар квадратен во иднина ќе треба да платат 3,8 денари по метар квадратен по станбена површина. Оваа промена е една од повеќето согласно новиот ценовник за услугата –  собирање и транспортирање на отпад кое го прави приватната компанија Саубермахер Тетово ДОО согласно јавно-приватно партнерство со општината.

Од фирмата образложија дека повеќе економски фактори влијаеле да побараат ново усогласување на цените за оваа услуга.

  • „Ние услугата ја презедовме во 2024 година кога депонирањето на собраниот отпад во регионалната депонија Русино чинеше 5 евра, а сега две години подоцна е зголемена за 40% и изнесува 8 евра по тон. Во моментот поради нерешени имотно-правни односи и други проблеми не може да се наплати услугата на 1,7 милион метри квадрати домаќинства и правни лица. Има зголемување на оперативните трошоци, почнат е процес на селектирање на отпад и слични причини кои се евидентирани во нашата анализа“ посочија од Саубермахер на седницата на Советот на Општина Тетово.

Изменетите повисоки цени ги одобрија советниците од владејачкото мнозинство. Тие се пофалија дека иако фирмата Саубермахер понудила уште повисоки цени, а тие прифатиле пониски.

  • Цената за собирање отпад за домаќинства (станбена површина) во урбана средина: да се намали предложената цена да се намали од 4,2 МКД на 3,8 МКД по м2. За лица кои имаат во сопственост два или повеќе објекти, цената изнесува 50% од предвидениот износ, односно 1,9 МКД по м2 – Алби Ќамили.
  • Цената за собирање на отпад за домаќинства (станбена површина) во која живеат до 2 лица, е фиксна и ќе изнесува 600 денари, ако пресметаниот износ според метар квадратен и цена е поголема од 600 денари. Да објаснам, ова е за граѓаните кои живеат сам човек или две стари лица, а имаат голема површина и повеќе квадрати станбена простор. Тие што имаат 160 квадрати ќе плаќаат фиксна цена од 600 денари – Ангел Карапетров.

Советниците од опозицијата посочија не е прифатливо да се зголемуваат цените за овие услуги, иако некои од нив побараат одредени бизниси да плаќаат повеќе, а граѓаните помалку.

  • Нашиот предлог беше да има фиксна цена за домаќинствата за куќите што беше 600 денари на цела територија на општина Тетово и 300 денари за сите станови. Како и да се покачи цената за казината и обложувалниците која наш предлог беше 21 денар по метар квадратен но се прифати амандманот на мнозинството кое беше само 15 денари по метар квадратен – Агрон Арифи.
  • Во ваквите тешки моменти и економска криза каде граѓаните одвај врзуваат крај со крај, какво и да е поскапување е неприфатливо во име на граѓаните – Живе Алексовски.
  • Не може да носиме одлука што директно ќе го оптовари секое домаќинство. Ова не е заштита на граѓаните, ова е нов товар за нив. Бидете свесни граѓаните ќе знаат кој ќе го зголеми товарот – Боби Илиевски.

Ценовникот предвидува и фиксни цени за повеќе категории на граѓани.

Александар Самарџиев

Б.С.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Телма сторија – Отворени истраги и активни судења за сообраќајни незгоди

Tea Dimkovska

Од пожар до свлечиште: Колку се безбедни градилиштата во Скопје?

Tea Dimkovska

Над 13 милиони евра заработка од приватно сместување – УЈП наплатила повеќе од милион евра данок

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе