Трети предвремени парламентарни избори за нешто повеќе од една година ќе се одржат во Косово, откако парламентот не успеа да избере нов претседател на државата во предвидениот рок.
Од синоќа на полноќ, кога политичките партии не постигнаа консензус за избор на наследник на Вјоса Османи, чиј мандат истече минатиот месец, парламентот по автоматизам се распушти.
Оваа седница го означува крајот на процесот и за жал крајот и на овој парламентарен состав. Според одлуката на Уставниот суд, парламентот се смета за распуштен и избори ќе бидат распишани во предвидениот уставен рок, порача од говорницата претседателката на парламентот, Албулена Хаџиу.
Според косовскиот устав, изборите мора да се одржат во рок од 45 дена по распуштањето на парламентот, иако точниот датум сѐ уште не е објавен.
Овие избори сега во јуни ќе бидат тест за зрелоста на косовското општество, дали луѓето се подготвени да побараат одговорност од политичарите, да побараат одговорност од оваа влада за постојаната криза која ја генерира, оцени политичкиот аналитичар Илир Деда.
Од февруари минатата година Косово е во еден вид на парламентарна криза, која започна со израмнетите резултати од изборите а формирањето на владата се развлече до есента, кога пак беа распишани избори.
Новата влада на Албин Курти беше формирана по изборите во декември минатата година, но кризата повторно исплива на површина кога истече мандатот на Османи, а опозицијата и власта не успеаја да постигнат согласност за нејзин наследник.
