Светското фудбалско првенство 2026 година ќе донесе неколку новитети. Судиите ќе имаат право да доделуваат црвени картони за играчи кои ја покриваат устата при расправии на теренот со противници или со судиите, но и за оние што демонстративно ќе го напуштат натпреварот.
Меѓународниот одбор за фудбалски правила (ИФАБ), одобри нови дисциплински мерки што ќе важат на претстојниот Мундијал, со кои судиите ќе имаат можност да доделуваат директни црвени картони за одредени однесувања на теренот.
Според измените, играчите ќе можат да бидат исклучени доколку ја покриваат устата при вербална конфронтација, потег што често се користи за да се сокрие содржината на разговорот. Целта е да се спречи прикривање на навреди или дискриминаторски говор.
Дополнително, санкции се предвидени и за фудбалери кои ќе го напуштат теренот во знак на протест по судиска одлука, при што во такви случаи постои можност натпреварот службено да биде регистриран со пораз за нивниот тим.
Одлуката е донесена едногласно на состанок на ИФАБ во Ванкувер и ќе биде применета на Светското првенство 2026, додека за другите натпреварувања нејзината примена ќе зависи од организаторите.
Новите правила доаѓаат по неколку контроверзни случаи, меѓу кои и инцидентите поврзани со Винисиус Жуниор, како и ситуации со напуштање на теренот во знак на протест на меѓународни натпреварувања.
