Ниту старата бетонска трафостаница зад спортската сала во Битола е дислоцирана, ниту трасата на новоизградената улица е поместена. Објектот под напон сега зафаќа дел од коловозот на новата сообраќајница која ја поврзува улицата „Партизанска“ со населбата во битолската касарна. Според проектот, тротоарот ја заобиколува трафостаницата. Ваквата изведба предизвика бурни реакции во јавноста, а независните советници од „Поинаку“ со герила иронично го поздравија проектот.
–Пред 10 дена луѓето се вратија од Месечината, а ние асфалтираме ваква улица. Еве што измислија нашите архитекти и нашата општина. Еве како е асфалтирано , изјави Иван Чулковски, советник од „Поинаку“.
Градоначалникот Тони Коњановски соопшти дека проектот е стар 15 години, но оваа локална власт одлучи да го реализира, наместо да чека дозвола за дислокација на трафостаницата, бидејќи улицата е од витално значење. Вели, освен естетски, не гледа друг проблем
–Лично сметам дека во овој момент трансформаторот, освен можеби визуелно или естетски, функционално не претставува никаква пречка. Улицата е изградена според проектната документација, како и воведениот режим на сообраќај. Координацијата со ЕВН е воспоставена во текот на целата изведба на проектот и очекувам дека за многу скоро и овие визуелни пречки ќе бидат надминати, изјави Тони Коњановски, градоначалник ан Битола.
Чиј е проектот, кој го одобрил и дали ќе има одговорност за ваквото решение, градоначалникот не прецизираше. Улицата чини околу 150 илјади евра, на неа се уште се работи и не е пуштена во употреба.
Новинар: Емилија Мисирлиевски
Снимател: Златко Јосифовски
