Фудбалската Лига на шампиони влегува во завршницата, а вечерва почнуваат полуфиналните пресметки. За многумина, дуелот меѓу ПСЖ и Баерн Минхен е вистинско „финале пред финале“.
Актуелниот шампион ПСЖ ќе биде ставен на најсериозен тест досега. Францускиот тим во претходните две нокаут рунди беше перфектен, елиминирајќи ги Челси и Ливерпул со максимални четири победи, но сега го очекува речиси идентично доминантен противник.
Баерн Минхен импресионираше во елиминациската фаза – двапати го совлада Реал Мадрид во четвртфиналето, додека во осминафиналето убедливо ја елиминира Аталанта со вкупни 10-2.
Двата тима негуваат офанзивен стил, што го потврдува и нивниот играчки кадар исполнет со врвни фудбалери. Интересен е и меѓусебниот биланс во Лигата на шампиони – ниту еден натпревар не завршил нерешено, Баерн има девет победи, а ПСЖ шест.
Оваа сезона тие веќе се сретнаа во лигашкиот дел, кога германскиот шампион славеше со 2-1 на „Паркот на принцовите“. Тоа беше четврта последователна победа за Баерн во меѓусебните дуели во елитното натпреварување. ПСЖ последен пат славеше во 2021 година, со 3-2 во Минхен.
Тренерот на ПСЖ, Луис Енрике, нема проблеми со составот и се очекува да настапи со најсилниот тим. Од другата страна, Венсан Компани ќе биде без повредениот Серж Гнабри, за кого сезоната е завршена, а надвор од комбинација се и младиот Ленард Карл, Том Бишов и Рафаел Гереиро.
Натпреварот се игра во стандардниот термин од 21 часот, додека утре на програмата е второто полуфинале меѓу Атлетико Мадрид и Арсенал.
