Со потписи од 30 пратеници, пратениците од Европски фронт ќе се обидат да иницираат уставни измени. Денеска најавија дека почнуваат со собирање на потписите и ги повикаа сите пратеници, и од парламентарното мнозинство и од опозицијата, да се потпишат. Посебен повик упатија до пратениците од владејачката „Вреди„, со што, како што велат, „ќе ги материјализираат ветувањата дадени пред граѓаните за продолжување на евроинтегративниот процес“.
- Ова е прашање што ги надминува партиските интереси, ова е прашање што ги надминува коалициските пресметки, ова е суштинско прашање на стратешката ориентација на државата, изјави Блерим Беџети, Европски фронт.
Од „Вреди„ ја нарекоа иницијативата несериозна и самосаботирачка.
- „Иницијативата повеќе наликува на сатирична пародија отколку на нешто што вреди сериозно да се разгледа. ДУИ сериозно ја навредува ЕУ и Албанците кога Блерим Беџети зборува за европски вредности.Ја потсетуваме јавноста дека тој, како долгогодишен функционер на ДУИ, е синоним за политика спротивна на секоја европска вредност и предизвика непоправливи штети врз интересите на Албанците и проевропскиот имиџ на државата.„Вреди„ нема намера да стане дел од оваа пародија„, велат од коалицијата.
Премиерот, пак, упати критики дека опозицијата повторно бара уставни измени врз лажни ветувања, како кога беше сменето името.
- Донесоа ли бесплатно здравство, донесоа ли поквалитетно образование, подобра економија, повисоки пензии, повисоки стипендии, донесоа ли? Не, само неколкумина од голтари станаа милионери. Ете тие исти голтари коишто станаа милионери, денеска без ни малку срам излегуваат пред македонските граѓани и им велат уште еднаш ќе ве клекнеме на колена ако ни дадете можност, уште еднаш ќе играме на вашето достоинство, уште еднаш ќе чепкаме по вашата душа, ама ние уште некој милион ќе заработиме со тоа што бел лист хартија ако ни стават на маса, ќе го потпишеме, изјави Христијан Мицкоски, премиер
Мицкоски смета и дека, нема да има политичка криза ниту ако СДСМ ја напуштаа работната група за Изборен законик или парламентот, како што најавија доколку се укине техничката влада. Повтори дека, на следните избори ќе има техничка влада и доколку победат, укинувањето не треба да ги загрижува. Нема ништо против ниту да се ограничи можноста пратениците да поседуваат двојно државјанство доколку тоа го дозволуваат Уставот и законите, како и да се прошири ограничувањето и на извршната власт и на претседателот на државата. Тој лично тврди дека нема и не планира да има друго државјанство, освен македонското.
Овој закон, против кого се од Европски фронт, е заглавен во собраниските комисии, на кои се поднесени голем број на амандмани.
Далиборка Демјанска
Б.С.
