Условите во кои настана техничката влада продолжуваат, во сите извештаи не се подобрува состојбата, истакна Сали Мурати, од коалицијата предводена од ДУИ, во вечерашната дебата во „Топ тема“ на Телма ТВ.
„Со избирачкиот список ли се подобрува, со, на пример, влијанието на министерството за внатрешни работи, со улогата на министерството за земјоделство во предизборието, со субвенциите на земјоделците. Секој граѓанин во Македонија знае дека субвенциите се блокираат во годината пред избори. На пример, министерството за социјална политика и труд, социјалните фондови се основна алатка за влијание на изборите. Сите овие четири министерства не се случајни“, рече Мурати.
Според него, коалицијата предводена од ДУИ има принципиелен став.
„Договорот беше меѓу четири политички субјекти. Сега нема таков договор. Во правниот промет не можете еднострано да раскинете многупартитен договор“, додаде Мурати.
Мурати нагласи дека има огромни недостатоци за измените и дополнувањата на законот за влада.
„Прва пречка е скратената постапка по која се донесува еден многу значаен закон, се влијае врз изборите. Во оваа фаза не можеме да понудиме ништо друго, освен амандмани, затоа што понудата е од власта“, изјави Мурати.
С.Д.
