Неизвесно е какви цени на горивата нè очекуваат со утрешната одлука на Регулаторната комисија за енергетика.
Брент нафтата минатата недела ја затвори со цена од 95,4 долари за барел, а денеска изнесува 105,3 долари. Тоа претставува неделен раст од над 10 проценти. А цената на горивата најмногу зависи токму од движењето на цената на оваа нафта.
Актуелните цени на горивата се 80,5 денари за Еуросупер 95, 82,5 денари за 98-цата, додека цената на дизелот изнесува 94 денари.
Во изминатиот период референтните цени на дериватите на берзите се намалија и тоа позначително кај дизелот, за скоро 10 отсто, а тоа придонесе Владата минатиот викенд да го врати ДДВ-то на дизелот на 18 проценти. А, цената токму на ова гориво е најчувствителна од немирите на Блискиот Исток.
Бензините и натаму се со повластена даночна стапка од 10 отсто и сè уште е намалена акцизата за горивата.
Од Владата не ни одговорија директно дали можеби се размислува повторно да се намали ДДВ-то за дизелот или евентуално да се интервенира на друг начин, но потенцираат дека државата располага со доволни количини на горива за подолг временски период и дека состојбата со нафтата и сите нафтените деривати е стабилна и на задоволително ниво.
Напоменуваат дека не се очекуваат нарушувања во снабдувањето, ниту постојат индикации за ризици по граѓаните и бизнисите.
Во овој момент не се евидентирани предизвици во ланецот на снабдување. Владата и надлежните институции континуирано ја следат состојбата и се во редовна координација со сите релевантни чинители во синџирот на снабдување, вклучително економските оператори и снабдувачите. Согласно тековните анализи на состојбата навремено и соодветно ќе носиме одлуки, пишува во одговорот од Влада.
Инаку, брент нафтата поскапе за над 70 проценти од почетокот на годинава кога барелот чинеше 61 долар.
Поскапувањето на горивата веќе почна да се пресликува и на многу други производи поради зголемените трошоци за производство и транспорт. Инфлацијата во март се искачи на 4,9 проценти.
Според универзитетскиот професор Владимир Филиповски, покрај намалувањето на акцизите и даночните олеснувања за цените на горивата, веќе станува нужна потребата за директна финансиска помош како за најранливите категории граѓани, така и за најпогодените компании.
Според него, за да ја задржи инфлацијата под контрола и да ја заштити куповната моќ на населението, државата треба да интервенира со строго таргетирани мерки, вклучително директна финансиска поддршка во случајов и за земјоделците и за транспортните компании.
Но, тоа мора да се временски ограничени мерки, додека на среден рок треба да се делува во насока на енергетска диверзификација и стимулација на алтернативни горива, со цел да се зголеми отпорноста на идни шокови на целата економија.
Мирјана Јовеска
