Американскиот претседател Доналд Трамп им нареди на своите преговарачи, Стив Виткоф и Џеред Кушнер, кои патуваа кон Исламабад на преговори за крај на војната со Иран, да се вратат уште пред да пристигнат во пакистанската престолнина. Премногу време се потроши во патување, напиша Трамп на социјалните мрежи, повторувајќи го тврдењето дека владее неред кај иранското водство и не се знае кој носи одлуки.
Претходно иранскиот министер за надворешни работи Абас Арагчи оствари средби со премиерот Шабаз Шариф и шефот на пакистанскиот генералштаб, каде ги претставил иранските позиции во однос на регионалната состојба. По неговото заминување од пакистанската престолнина, Техеран соопшти дека средба со американските преговарачи воопшто не била предвидена.
Од американската делегација која се очекува да пристигне во пакистанската престолнина недостасува потпретседателот ЏД Венс, кој учествуваше во првата рунда преговори. Белата куќа соопшти дека тој ќе биде достапен веднаш да се вклучи доколку има потреба од него.
Трамп неделава го продолжи на неопределено време примирјето, но тоа не придонесе за намалување на тензиите околу Персискиот залив, а особено клучниот Ормуски теснец. Иранската Исламска Револуционерна гарда не им дозволува на бродови да поминуваат низ него без да платат такса, додека пак американската морнарица ја зацврстува поморската блокада на иранските пристаништа.
Во оваа основа мисија, американската волја е непоколеблива, нашите способности неспоредливи, нашата блокада се зголемува и станува глобална. Како што кажа претседателот, го имаме целото време на светот. Иран има историска шанса да постигне сериозен договор, и топката е во нивни раце. Во спротивно, Министерството за војна е подготвено за сѐ, порача американскиот министер за одбрана, пит хегсет.
Острата реторика не помага во градењето доверба меѓу двете страни за да има позитивен напредок во дипломатските напори. Убедени дека другата страна го користи процесот за да купи време, и Вашингтон и Техеран инсистираат на своите услови, додека меѓусебно се обвинуваат за прекршување на примирјето.
Игор Трајков
