Радикализацијата како безбедносен феномен не е нова појава, а Македонија не била и не е имуна на нејзините влијанија, предупредува безбедносниот експерт Бобан Стојановски.
Во „Топ Тема“ тој истакна дека процесот може да се манифестира преку прифаќање ставови кои отстапуваат од демократските норми, но клучното прашање е како тие ставови се практикуваат.
„Не мора да значи дека сите лица кои се радикализирани претставуваат опасност во општеството, тоа зависи од нив дали ќе останат на вербални ставови или на конкретни чекори“, вели Стојановски.
Според него, линијата помеѓу радикализација и безбедносна закана се преминува во моментот кога таквите убедувања ќе прераснат во насилство, што веќе се квалификува како насилен екстремизам и може да води кон тероризам.
„Праксата укажува на безбедносен феномен во друга терминологија – насилен екстремизам кој води кон тероризам“, посочи тој.
Стојановски нагласува дека овие процеси се долгорочни и бараат системски пристап, особено во делот на превенцијата. Радикализацијата, како што посочува, може да биде политичка, верска или идеолошка, а одговорот на институциите и општеството треба да биде поофанзивен и насочен кон навремено препознавање и спречување на ризиците.
Т.Д.
