Доктори од 8-ми Септември и Клиниката за дерматологија, сопственици на приватни ординации, цариник и организатори и дистрибутери на нелегално увезени ботокси и филери се меѓу уапсените во акцијата на обвинителството и полицијата.
Уапсени се четиринаесемина, а полицијата поднела кривични приојави за вкупно 19. Дел од приведените се и блиски роднини кои знаеле за нелегалните активности, но и учествувале во крминалот и дома ги чувале медицинските препарати. Според обвинителстовто годинава седуммина осомничени формирале две криминални групи, кон кои подоцна се приклучиле и останатите.
Користејќи фирми од Битола и Скопје како параван за незаконските активности, организирано набавувале фалсификувани медицински лекови и медицински помагала. Набавките биле од Србија, Кореја и Турција и нелегално внесени. Осомничениот цариник во два наврати примил поткуп за да овозможи влез на нелегалната стока во државата, без да биде извршена задолжителна царинска контрола.По ова таа била складирана, дистрибуирана, продавана и аплицирана на корисници.
„Дел од осомничените, иако биле целосно свесни дека станува збор за лекови и медицински помагала што не се увезени согласно законските прописи и за кои не постои одобрение, упатство или декларација издадена од МАЛМЕД, сепак вршеле естетски интервенции, со што директно го загрозиле здравјето и животот на граѓаните и предизвикале сериозна општа опасност“, соопштија од Обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција.
Полицијата поднесе кривична пријава и против 6 фирми. За осомничените постојат сомнежи дека се извршиле „злосторничко здружување“, „повреда на права од индустриска сопственост и неовластена употреба на туѓа фирма“ и „примање поткуп“. Претресите траеја скоро цел ден, од синоќа и беа на повеќе локации во Скопје, Струмица и Битола. Инаку обвинителството побара притвор за 12 осомничени. За други петмина бара мерки за присуство.
Билјана Николовска
