Управата за заштита на културното наследство ја одржа јавната расправа за Нацрт Националната стратегија за заштита и користење на културното наследство за период 2026 -2030.
Националната стратегија беше ставена на ЕНЕР и до сега нема ниту една забелешка.
Во извештајот на Европската комисија неколку години наназад беше нотирано во поглавјето за образование и култура дека овој стратешки документ не е донесен и тоа треба да биде направено што поскоро, вели Честоева.
Според директорката на Управата за заштита на културното наследство има археолошки локалитети кои се во загрижувачка состојба и еден од нив е Калето.
- Тоа се капиталните археолошки истражувања на археолошкиот локалитет Кале, коишто во изминатите десет години беа оставени буквално можам да кажам беа оставени на милост и немилост горе. Сега со ставањето во функција на двата музеи коишто Управата за заштита ги работи и треба да ги стави во функција на Европска престолнина на културата, ние се соочуваме со фактот дека овие предмети не биле ниту запишани во инвентарна книга. Зборувам за предмети кои биле дел од археолошките ископувања пред 10 години . Значи ние мора да ставиме ред во заштитата и да почнеме системски да работиме- Весела Честоева, директорка на Управа за заштита на културното наследство.
- Националната стратегија имаше за цел најпрво да ги соочи проблемите и состојбата на културното наследство, потоа да изготви планови и начини за реорганизација на самите установи, на стручниот кадар и реорганизација за нивно управување, за финансирање. Потоа нормално да се поработи и на еден сегмент на којшто посебно обрнавме внимание, а тоа е јавната свест за културното наследство и негово доближување до јавноста – Јане Клековски, претседател на Комисијата за изработка на Националната стратегија.
Нина Стефанова
Б.С.
