Европа се соочува со огромна енергетска криза поради војната меѓу Соединетите Американски Држави и Иран, а нејзините последици врз цените на енергенсите ќе се чувствуваат долгорочно, предупреди еврокомесарот за енергетика Ден Јоргенсен.
Потенцирајќи дека овде не станува збор за краткорочно и мало зголемување на цените, Јоргенсен сериозноста на оваа криза ја опиша како збир на влијанијата на кризите од 1973 и 2022 година. Тој рече дека војната ја чини Европа 500 милиони евра дневно и предупреди дека нејзиното влијание врз цените ќе се чувствува со месеци, а можеби и години.
Исто така ја сподели и загриженоста на Европската Комисија од можна појава на недостаток на авио-гориво пред самиот почеток на летната туристичка сезона.
