Никој не го сфати сериозно пожарот, се упативме со пријателите накај излезот на „Пулс“ и се заглавив во гужвата меѓу двете врати. Не бев свесна дека е страшно и мислев дека ќе излеземе сите, сведочеше денеска Теа Ѓорѓиева, која трагичната вечер била на концертот на ДНК во кочанската дискотека. Често го посетувала „Пулс“ и кога била малолетна, а се користеле пиротехнички средства и порано. Тој 16 март била сместена на маса веднаш до бината и го видела поставувањето на пиротехничките средства, а го снимила и почетокот на пожарот.
„Снимавме сите видеа. Почна бендот да пее. Почнаа и искри. Како што стигнуваа искрите од пиротехничките средства горе до плафонот, тогаш почна да гори. Никој не го сфати сериозно пожарот. Откако еден од пејачите почна да вели да излеземе надвор, ние останавме уште малку бидејќи не бевме свесни дека е сериозно“, рече сведокот Теа Ѓорѓиева.
Откако се упатиле накај излезот сфатиле дека е блокиран.
„Почнав тешко да дишам. Осетив чуден мирис. Позади мене слушнав како да експлодира нешто. Се најдов во просторот каде се пуши меѓу двете врати. Знам дека бев заглавена, бидејќи сите се најдовме во таа гужва. Забележав дека сум во лежечка положба и бев беспомошна во тој момент и се обраќав за помош, како сите други. До мене беше пријател кој го држев за рака. Го видов членот на обезбедување Стојанче пред мене ме фати за раце и ме извлече“, сведочеше Теа Ѓорѓиева.
Дел од повиканите сведоците не беа присутни, бидејќи се уште не се достапни на органите за прогон. Обвинителството на наредното рочиште ќе се произнесе по барањето на сопственикот на дискотеката Дејан Јованов Деко да оди во домашен притвор поради нарушена здравствена состојба.
Марија Митевска
