Вести Свет

Британските пратеници изгласаа доживотна забрана за пушење за лицата родени по 2008-та година

Децата во Британија кои имаат 17 години или помалку, како и сите што ќе се родат во иднина, никогаш нема да можат легално да купуваат цигари, откако законодавците одобрија нови, построги ограничувања за пушењето, објави Ројтерс.

Законот за тутун и електронски цигари (Tobacco and Vapes Bill) ја зголемува законската возраст за купување тутун за една година – секоја година, почнувајќи од лицата родени на или по 1 јануари 2009 година, што значи дека тие генерации ќе се соочат со доживотна забрана.

Законот исто така ги заострува контролите врз електронските цигари, вклучително и забрана за продажба на вејпинг и никотински производи на лица под 18 години, како и ограничувања за рекламирањето, јавно објавување, бесплатно делење и попусти.

Британската влада тврди дека овие мерки ќе помогнат да се намали пушењето и да се спречат младите да станат зависни од никотин, со што ќе се намали долгорочниот притисок врз јавното здравство на Обединетото Кралство.

Министерот за здравство, Вес Стритинг, изјави дека усвојувањето на законот е историски момент за здравјето на нацијата.

„Децата во Обединетото Кралство ќе бидат дел од првата генерација без пушење, заштитена од доживотна зависност и штета“, рече тој.

„Превенцијата е подобра од лекувањето – оваа реформа ќе спасува животи, ќе го намали притисокот врз здравствениот систем и ќе изгради поздравa Британија“.

Проценките се дека пушењето предизвикува околу 64 000 смртни случаи и над 400 000 хоспитализации во Англија, според официјалните проценки и предизвикува трошоци во износ од околу 3 милијарди фунти секоја година, додека пошироките економските трошоци се над 20 милијарди фунти.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Скопјанец бил пресретнат со три возила, претепан и однесен во Шишево

Tea Dimkovska

Франција под засилени безбедносни мерки пред Самитот на Г7 

Tea Dimkovska

Тешка сообраќајка кај Љуботен – Повредени седум лица, меѓу нив и четири деца

Tea Dimkovska

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе