По еден месец војна на Блискиот Исток, економскиот шок се чини многу поголем и посериозен од кризите со кои што се соочи светот во последните години. Се уништија дел од нафтените производни капацитети, се отежна, а некаде и целосно запре испораката на нафта, чиja цена речиси двојно се зголеми споредено со почетокот на годинава. А, кога расте цената на нафтата, неминовно преку транспортните и трошоците за производство се пресликува на речиси сите останати производи.
Македонија многу зависи од увоз на енергенси, кои се значајно поскапени и влијаат директно врз економијата преку различни канали. Најдиректниот канал е увозната инфлација преку цените на енергенсите. Ако не дојде до скоро затишје на Блискиот Исток, тогаш ќе мора, за жал, да се прилагодиме на повисоки цени на нафтата и нафтените деривати.
И економистите и претставниците на централните банки се согласни дека за да се добие борбата со растот на цените неопходни се сет мерки кои ќе се носат бргу, ќе бидат привремени и строго таргетирани.
Според гувернерот Славески, треба прво да се делува со субвенции за транспорт и компании за логистика за да се спречат секундарните ефекти врз општите цени. Но, ако потраат немирите, треба да се користат сите инструменти за решавање на тешката загатка и да не се дозволи инфлацијата да излезе надвор од контрола, ама истовремено и да не се наштети на активностите на реалниот сектор.
„Македонија и другите земји во регионот во висока мера зависат од увоз на енергенси, а цените на енергенсите кои што се покачени значително во скорешно време влијае директно преку различни канали.
Не само енергијата, туку и другото снабдување кое што доаѓа во земјата, како што се ѓубрива, некои други материјали кои што се користат во земјоделството. И тоа е нешто што треба да го имаме на ум, што се разбира ќе влијае врз стоките и цената на прехранбените производи, како краткорочно, така и среднорочно.
Зборувајќи за сценарија, дури и во ситуација во која што конфликтот ќе заврши за неколку дена или за неколку недели отсега, последиците ќе бидат осетени прво преку цените на нафтата, коишто може да останат многу повисоки.
Мислам дека не само владите, туку и здруженијата на возачите да речеме, и на моторни возила, треба да искомуницираат со возачите, со населението, дека ќе биде корисно за семејните буџети, меѓутоа и за трговскиот биланс на земјата доколку ги користиме сите тактики и мерки за заштеда на нафта и нафтени деривати.
Доколку неколку мерки се преземат за помош на некои сектори, тогаш треба да размислуваме за таргетирани мерки или субвенции да речеме за транспортни компании, да речеме за цената на нафтата со цел спречување, колку што е можно се разбира, на секундарните ефекти на цените коишто би ги имале на општите цени“, вели гувернерот Трајко Славески.
Во февруари годинава стапката на инфлација во Македонија падна под три проценти, откако минатата година ја заврши на ниво од 4,1 отсто. Но, ако се земе предвид само храната, таа минатиот месец била за 3,9 отсто поскапа отколку пред една година. Граѓаните веќе чувствуваат последици врз семејниот буџет.
Народната банка генерално ги следи одлуките на Европската централна банка (ЕЦБ) и ги задржа каматните стапки непроменети и покрај веќе извесниот раст на инфлацијата, но најави претпазливост при кроењето на монетарната политика.
Тоа што загрижува е колкав е финансискиот капацитет на државата за справување со криза од вакви размери. Со оглед на непредвидливоста на состојбата, невозможно е точно да се каже колкави се буџетските можности за интервенција со мерки.
„Факт е дека тој е ограничен капацитет бидејќи согласно она како беше проектиран буџетот во 2026 година ваков вид на криза не беше предвиден. И де факто, претпоставките на кои што беше проектиран буџетот беа цените што важеа тогаш – и за дериватите и за останати работи, така што сега оваа криза доаѓа оваа година ненадејно и со постоечкиот буџет очигледно е дека голем капацитет нема“, вели универзитетскиот професор Ванчо Узунов.
Кризата долго ќе трае и затоа, според министерката за финансии мора многу внимателно да се носат мерки и да се внимава колкави се буџетските можности.
„Да зборуваме за она кои се целите, дали можеме, како можеме да реагираме во овие услови. Најпрво треба да ја погледнеме состојбата со буџетот и да видиме какви се реализациите.
Притисокот кој што го имаме за сервисирање на обврските во следните пет години, кој што е повеќе од 8 милијарди евра, е сериозен предизвик и сериозен притисок кој што го чувствува да кажам оваа влада затоа што ако погледнете година за година ќе видите најпрво дека обврските по основ на сервисирањето на обврзниците е на историски највисоко ниво. Во исто време, долговите независно од тоа дали станува збор за обврзници, туку и кредити, државни хартии од вредност од година во година растат и обврските се историски највисоки. Чисто за споредба, ако во 2022 година каматните трошоци во буџетот биле околу 1 процент од БДП, ние денес, во 2026 година, имаме каматни трошоци коишто се речиси 2 проценти од БДП и мислам дека тоа повеќе од јасно кажува колкав е притисокот и колкав е просторот во рамки на буџетот за да се реагира“, вели министерката за финансии Гордана Димитриеска Кочоска.
Според професорот Узунов, неопходен е ребаланс во наредниот период со цел да се пренаменат некои од претходно планираните трошоци за справување со кризата и да се заштити стандардот на граѓаните. Тој вели дека владата доцни со интервенции, а мерката за намалување на ДДВ за горивата од 18 на 10 отсто, ја смета за недоволна.
„Само една работа ќе ве потсетам: цената на дизелот на 5-ти јануари оваа година беше 65 денари. Сега е 95. Тоа е покачување од 45 отсто за не цели три месеци. Тоа ќе има одраз врз инфлацијата во Македонија, односно пораст на цените не само на дериватите, туку и на сите останати производи и услуги. Особено во Македонија тоа ќе бидат и оние неопходните производи кои што ги купуваме секој ден – храна, средства за хигиена, тој вид на производи зборувам. И тоа ќе биде големо, драстично нарушување на животниот стандард на граѓаните и државата мора да го заштити. Она што мора да го направи државата е да се фокусира не линеарно на сите граѓани, не популистички, што беше грешката на почетокот кога го решававме проблемот со ковидот пред пет години – 2020/21. После се коригираа. Сега и оваа влада ја направи истата грешка. Значи, не линеарно на сите граѓани, туку на оние што се во инфериорна положба, оние што се ранливи категории. Значи, оние семејства што се под прагот на сиромаштија и оние што се тука блиску до тој праг па со ова покачување на инфлацијата ќе паднат под прагот на сиромаштијата. Точно на нив владата ќе мора да им даде посебна поддршка и исплатите за социјална помош, да не ги набројуваме по видови, да ги зголеми за 20-30 отсто веднаш, сега. Тоа веројатно владата мора да го направи. Е сега, за да обезбеди пари, ќе мора да крати некои видови расходи од буџетот кои се предвидени, а не се неопходни сега“, вели професорот Узунов.
За владините претставници фискалната консолидација е клучен предизвик. Буџетскиот дефицит од 4,4 во 2024 година, лани се намали на 4 отсто, а за годинаа е проектиран на 3,5 проценти. Но, според економистите, дефицитот не се решава во време на криза, па оттука би било разбирливо ако се запре постапката на фискална консолидација и се троши повеќе за да се заштити стандардот на граѓаните.
Мирјана Јовеска
