Војната во Иран предизвикува ценовен шок на глобално ниво, при што растот на цените на енергенсите веќе се прелева и врз македонската економија. Горивата поскапуваат , а граѓаните и бизнисите се соочуваат со нов бран неизвесност.
Поранешниот министер за финансии Џевдет Хајредини предупредува дека последиците за земјава се реални и неизбежни, особено имајќи ја предвид нејзината економска ранливост.
„Ние овде последици ќе имаме, тие се реални и ќе бидат. Македонија е сиромашна земја и последиците не можат да бидат исти за сите. Затоа, најважно е брзи и ефикасни мерки, со кои во прв ред ќе се заштити најсиромашниот слој – пензионерите со најниски примања и работниците на минимална плата“, изјави Хајредини.
Тој нагласи дека институциите мора веднаш да реагираат и да направат детална анализа на состојбата.
„Министерството за финансии треба брзо да анализира и да види што може да направи, затоа што кризата нема да трае кратко како што некои оптимистички најавуваа. Владата да пресече од што да се скрати во буџетот за да останат пари за мерки“, додава Хајредини.
На темата за економските последици од кризата, дискутираат и Виктор Митевски од ЗМАИ и Ромео Костадинов од Сојузот на стопански комори.
Т.Д.
