Во 2025 година, 71,9% од луѓето во еу на возраст од 16 до 74 години користеле веб-страници или апликации на јавни органи, што претставува зголемување од 1,9 процентни поени во споредба со 2024 година, покажуваат податоците на евростат. Во Македонија 32,32 проценти од граѓаните користеле услуги на е-влада.
Најчести услуги на е-влада што ги користеле македонските граѓани се преземање или печатење официјални обрасци (17,11%), барање официјални документи или сертификати (15,44%), пристап до јавни бази на податоци или регистри (12,94%) и пристапот до лични информации (10,96%).
Споредено со земјите од регионот најмногу услуги на е-влада користеле граѓаните во Грција (71,99%), Хрватска (65,68%), Србија (64,23%), Црна гора (52,39%), Босна и Херцеговина (37,87%) и Бугарија (35,95). За Албанија и Косово нема податок.
Министерот за дигитална трансформација, Стефан Андоновски, неодамна информираше дека порталот за услуги бележи рекордни резултати и станува централна точка за електронските услуги за граѓаните.
