Вести Култура

Оштетената Спомен – куќа на Малески ќе се урива до темел и ќе се реконструира во автентичен стил

Спомен-куќата на Владо Малески во Струга, чиј јужен калкански ѕид и дел од кровот беа урнати лани во октомври, при градежни зафати од инвеститор за изградба на објект на местото на друга куќа лепенка до неа, пет месеци по девастацијата изгледа како да е оставена на доуништување од атмосферските влијанија. Но, од Заводот и музеј- Охрид, велат дека од минатиот месец започнале со мерки за заштита. Според директорот Горан Патчев, куќата е прогласена за културно наследство во опасност. Изготвен е проект за нејзината постојна состојба, а од неа се извадени вредни предмети од приземјето и однесени во Спомен – домот „ Браќа Миладиновци“, во галеријата „ Коџоман“ и во музејот „ Никола Незлобински“. Пред реконструкцијата, како што рече Патчев, ќе се спасуваат вредни предмети и од катот, каде сега е небезбедно да се интервенира зашто висат греди од урнатиот дел на кровот.

  • Сѐ што можевме да спасиме, спасивме. Она што е останато во тој дел каде што не може да се пристапи, во текот на отстранувањето на кровната конструкција ќе пробаме да го спасиме, вели Горан Патчев, директор на Завод и музеј- Охрид.

Инвеститорот – еден од петтемина што заработија од МВР кривични пријави, направил потпорни ѕидови кон соседниот објект и кон улицата, каде постоела опасност оштетената Спомен- куќа да се урне. Кога ќе бидат завршени и останатите потпорни ѕидови, ќе се затрупа и создадената јама при уривањето. Патчев вели дека тие ќе го прават идејниот проектот за реконструкција и од него ќе зависи колку ќе чини таа. Очекува реконструкцијата да почне наесен, по добивање дозволи од УЗКН и од Министерството за транспорт. А, обновата ќе се прави од темелите до кровот, во автентичен стил.

  • Според првичната проценка ќе се руши до темел куќата, бидејќи ништо не остана здраво од неа. Така што, многу беше важно да се обезбедат околните објекти. А, за другото, јас ќе бидам среќен ако ги добиеме сите одобренија до крајот на летото, па од наесен да се почне со реконструкцијата, кажа Патчев.

Во интерес на безбедноста на минувачите, пред урнатата Спомен- куќа беше поставена жолта лента која треба да се врати на местото, смета Патчев. Но, Телма од свои извори дознава дека е тргната зашто во соседството живее лице со сериозен здравствен проблем кое со возило треба веднаш да помине , ако тоа му е неопходно.

За овој случај ОЈО-Струга води истражна постапка. Се обезбедуваат докази и се чекаат резултатите на едно од сѐ уште неизготвените вештачења.

  • ОЈО- Струга нареди вештачење и вештиот наод се очекува, со цел да биде донесена јавнообвинителска одлука, велат од таму.

Спомен- куќата на Владо Малески -авторот на текстот за македонската химна и на сценариото за првиот македонски игран филм „ Фросина“, се наоѓа на улицата „ Браќа Миладиновци“, со број 16. Таа влегува во првата зона на заштита на Охридскиот регион. Граѓаните треба да го освестат тој факт и да се грижат за нашето како дел од светското културно наследство, дополнува директорот на Завод и музеј- Охрид.

Сотир Трајков

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Битиќи: Владата прави економска бајка додека граѓаните се соочуваат со високи цени и ниски плати

Дејан Дејан

Обвинителот Цветановски за „Телма“: Предметот за „мазутот“ е обемен минатиот четврток добив 60 кутии, сега интензивно работам

Дејан Дејан

Србите на кои им беше забранет влез во Црна Гора планирале собири за поддршка на Вучиќ

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе