Локалната и централна власт како да се зборуваат за различни пробеми а не за кравите кои со години уништуваат земјоделски површини. Одговорноста се префрла како пинг-понг топче, додека граѓаните живеат во страв и штети.
Решението за одземање на добитокот е донесено и правосилно речиси две години, но на терен ништо не се менува, вели градоначалникот на Крива Паланка. Според него, надлежноста е јасна, одлуката ја донела Агенција за храна и ветеринарство и треба да ја спроведе.
Општината, вели, нема законска основа да ја преземе одговорноста, но е подготвена да помогне со луѓе и логистика. Помош да, но преземање туѓа надлежност не, вели Митовски.
– Две години институцијата која има јасна законска обврска не постапува. Во меѓувреме се уништуваат јавни површини, се оштетуваат приватни имоти, се загрозува сообраќајната безбедност, граѓаните трпат значителни материјални штети, а стотици животни страдаат. Ова повеќе не е административна слабост, туку ова е неодговорност на една институција. Граѓаните не бараат милост и услуга, единствено бараат спроведување на закон и почитување на правосилна одлука, вели градоначалникот на Крива Паланка Сашко Митовски.
За четири години општината доставила стотици пријави и иницијативи до надлежни институции,кривична пријава за мачење на животните но биле собрани и докази за материјални штети и загрозување на безбедноста, вели Митовски, кој најави и протести доколку агенцијата не постапи.
– Престанете да ја замајувате јавноста! Излезете на терен и решете го проблемот веднаш! Времето за изговори заврши. Време е институциите да покажат дека не се над законот и дека се во служба на граѓаните. Во спротивно ќе ги искористам сите правни механизми за утврдување на одговорност за непостапување на државна институција, додава Митовски.
Од Агенција за храна и ветеринарство остануваат на ставот дека и општината има одговорност. Според нив, контролата на јавните површини и напасувањето на крупен добиток е во надлежност на локалната самоуправа. Велат дека градоначалникот можел и досега да постапи, доколку имал волја, наместо вината да ја префрла на централната власт.
– Говедата ниту се размножија во толку голем број за година и половина, ниту може инстантно да се соберат, во услови кога со Агенцијата не соработува Општината која е подеднакво одговорна за решавање на проблемот. Како одговорна институција, во интерес на граѓаните на Крива Паланка и околните села, го повикуваме Митовски конечно да почне да го почитува законот и да соработува со Агенцијата, за трајно решение на реалниот проблем со кој се соочуваат жителите од овој крај, велат од АХВ.
Од АХВ велат дека ќе продолжат со активностите за собирање на животните. Пред три дена инспектори, полиција, но и дронови го снимаа теренот. Екипите се обидуваа да ги заловат животните но беа спречувани од сопствениците кои имаа и обид да ги истераат во планината, само за да не бидат фатени.
Ова не е прв обид на инспекторите да ги одземат кравите, но тие секогаш имале отпор од страна на сопствениците, а на некои од акциите имаше и приведување. Жителите на протест алармираа за долгогодишниот проблем со кравите и бараа од институциите да реагираат. Семејството пак тврди нема конфликт со институциите, но бара добитокот да му биде платен, поради маката и долгодишното чување на животните.
Симона Петровска
