Струга се уште е без чиста вода за пиење. Изворот Шум, од кој зависи водоснабдувањето на градот, е во критична состојба. Стручните анализи и теренските увиди на професорите од Градежниот факултет во Скопје, ангажирани од општината, покажуваат дека изворот е сериозно загрозен од човечки активности.
Во извештајот од 30 страници, експертите констатираат активна експлоатација на каамен и депонии во непосредна близина на изворот.
„Констатираните појави, особено кога станува збор за експлоатацијата на минерални материјали во пошироката зона на изворот Шум, присуството на насипи од градежен и комунален отпад во близина на водоснабдителните објекти, претставуваат реален ризик за механичко, микробиолошко и хемиско загадување на водата. Овие процеси можат да имаат долгорочни и неповратни последици врз водоснабдувањето“, се наведува во извештајот на експертите од Градежниот факултет при УКИМ.
Каптажите, пумпната и хлорната станица, како и тоалетите во водоснабдителните објекти, се во многу лоша состојба. На брегот на езерото кај изворот Шум има ресторан со септичка јама, за кој не се знае дали има согласност за таа дејност, се наведува во извештајот.
Исто така, утврдено е дека Струга со години ја користи водата од изворот Шум без одобрение, без јасно дефинирани санитарни заштитни зони и без режим на контрола на активности во сливот
„Нема зона која е заштитена со закон. Побаравме од Владата да донесе одлука за заштита на таа зона. Треба физички да се огради, што досега не е направено. Побаравме од Владата да ни издаде одобрение за користење на водата, затоа што Струга ја користи вода без одобрение“, вели градоначалникот на Струга, Менди Ќура.
Основното јавно обвинителство Струга води постапка за утврдување евентуална кривична одговорност за загадувањето на изворите во Шум. На терен биле затекнати машини на две фирми кои вршеле ископ, но тие тврдат дека само го рамнеле земјиштето за кокошарник и за садење лешници.
Водата во Струга е забранета за пиење веќе три недели, а Институтот за јавно здравје потврди дека водата од градскиот водовод не ги исполнува стандардите.
Стручните наоди предупредуваат дека кризата нема брзо решение. Експертите бараат итно воспоставување санитарни заштитни зони, ограничување на активностите во сливот и планирање нови извори за водоснабдување.
Новинар: Емилија Мисирлиевски
Снимател:Златко Јосифовски
