Родителите на учениците во основното училиште „Киро Глигоров“ во општина Центар алармираат за нарушена безбедност откако ученик од четврто одделение донел нож во училницата. Според тврдењата на група родители, ова не е прв инцидент со истото дете, кое и претходно покажувало агресивно однесување и напаѓало соученици со ножици.
-Не можеме да бидеме уверени во објаснувањето дека ножот бил ставен по грешка во ранецот. Веќе четири години се соочуваме со проблеми, вербални закани по живот и психофизички притисок врз нашите деца, наведуваат родителите во заедничкото соопштение.
Директорката на училиштето, Билјана Билбиловска, за Телма го потврди случајот и вели дека е постапено согласно сите законски прописи и дека е изготвен план за поддршка на ученикот.
-Во конкретниот случај не беше утврдено заканувачко однесување кон други ученици, ниту намера за повредување. Училиштето останува доследно во обезбедување безбедна средина, изјави Билбиловска.
За случајот е информирана и министерката за образование, Весна Јаневска, која најави дека Државниот просветен инспекторат веќе постапува на терен.
