Вести Македонија Најважни

Сите перат раце од домашниот притвор на Груби – пазарење или грижа за неговата безбедност?

Сите се обидуваат да си ги исперат рацете од домашниот притвор на поранешниот прв вицепремиер Артан Груби, кој по 14 месеци се врати во земјава и со насмевка ѝ се предаде на полицијата на граничниот премин Блаце.

Власта и опозицијата меѓусебно се обвинуваат со кого се испазарил Груби и кој се плаши од тоа што ќе го каже. Владата го вперува прстот во обвинителството, но од таму ја враќаат топката кон извршната власт – проценката дека на Артан Груби не може да му се гарантира безбедноста во притворот во Шутка дошла од Министерството за внатрешни работи и од Агенцијата за национална безбедност.

Судот уште на крајот на 2024 година му одреди 30-дневен притвор на Груби, во кој треба да биде однесен откако ќе биде пронајден. По петчасовен распит во обвинителството, Груби синоќа беше изведен пред Скопскиот кривичен суд, кој му го замени затворскиот притвор со домашен. Обвинителството денеска објаснува дека домашниот притвор е исто така притвор и оти биле исполнети законските услови за тоа.

„По проценка на надлежните органи – МВР и АНБ постојат сериозни информации дека во притворското одделение не може да се гарантира личната безбедност на овој осомничен. Деталите во однос на ваквите загрозувања беа презентирани пред судијата на претходна постапка“, соопшти денеска Обвинителството.

На ваквата одлука жестоко реагира министерот за правда Игор Филков, под чија надлежност е и Управата за извршување санкции, орган надлежен за затворите. Тој поименично ги повика јавниот обвинител Даниел Коцев, шефот на скопското обвинителство Анел Фидовски и судијата на претходна постапка Марин Станевски да ја објаснат одлуката. Ако за обичен граѓанин притворот е по автоматизам, а за поранешни функционери е исклучок, се отвора сомнеж за селективност, вели тој. Филков тврди дека биле обезбедени сите услови за притвор во затворот во Шутка и оти е недозволиво да се тврди дека не може да се гарантира нечија безбедност во притвор.

Телма: Ја префрлате одговорноста брз Обвинителството и судството, но проценката за безбедноста доаѓа од извршната власт, всушност проценката на извршната власт Обвинителството ја користи како аргумент. Има ли несогласувања меѓу вас и МВР?

Не префрлам одговорност на никого, само ги констатирам состојбите и ги артиклулирам многу гласно, вели Филков.

Телма: Има ли конфликт меѓу вас и МВР во однос на проценката?

„Не гледам каде би имало конфликт“, вели Филков.

Телма: Вие велите исполнети се условите за притвор, МВР и АНБ велат дека според нивните проценки му е загрозена безбедноста во притворот.

„Тоа ќе треба нив да ги прашате“, вели Филков.

Опозициската СДСМ, во чија влада Груби беше прв вицепремиер, обвинува дека тој има договор со актуелната влада. Според нив, Груби чекал ВМРО-ДПМНЕ да преземе целосна контрола врз судството и обвинителството за да се врати.

„Правната држава е целосно погребана. Дилот меѓу ВМРО-ОКГ и ДУИ се реализира пред очите на јавноста. „По „театарот на граница, со договорено враќање и режирано снимање, каде што го видовме како Груби доаѓа насмеан, со наочари, следуваше продолжението – куќен притвор. Одредувањето куќен притвор за Груби е потврда дека сè е договорено, изјави Александар Саша Димитријевиќ, генерален секретар на СДСМ.

Според владејачката ВМРО-ДПМНЕ Обвинителството и судството покажале зашто имаат само 2 отсто доверба.

„Верувам дека како прв поранешен вицепремиер на нивната влада ќе изнесе и многу детали за коишто многу од актуелните функционери, и партиски и оние коишто се во собраниските клупи од СДСМ, се загрижени од тоа што на судењето ќе каже господинот Груби“, изјави пратеникот Бојан Стојаноски од ВМРО-ДПМНЕ.

Артан Груби излезе од Македонија кон Косово на граничниот премин Блаце на 15 февруари 2024 година. Иако бил ставен на стоп листа, граничниот полицаец го пропуштил. Осомничен е дека овозможил спорна набавка на коцкарски машини во државната лотарија. Груби тогаш на Фејсбук напиша дека не избегал туку отишол да заврши приватни работи. МВР распиша потерница, а судот му определи притвор во отсуство. Потоа го немаше 14 месеци, сè до вчера кога сам се пријави на истата граница од која ја напушти државата.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Приколка од товарно возило се преврте на автопатот кон Гевгелија

Sasko Dimovski

Не е здраво, ниту е европски да имате политичар кој со години е на функција – рече министерот за здравство кој може да биде опфатен со владината реконструкција

Дејан Дејан

„Волстрит џурнал“: САД размислуваат за преместување на базите од Персискиот Залив, опција е Израел, сакаат да бидат надвор од дострел на иранските проектили

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе